Дводневниот самит на лидерите на Европската Унија заврши денеска во Брисел, со примена на формулацијата „го прими на знаење“, која се однесува на неодамнешниот предлог на Европската комисија за подготовка на Унијата за проширување. Советот на ЕУ побара дополнително да го анализира предлогот, без да ги одобри или да навести одобрување на предложените промени во пристапниот процес.
Формулацијата „прима на знаење“ не е исто што и одобрување. Лидерите го регистрираат предлогот и го упатуваат на натамошно разгледување во Советот на ЕУ, каде што се претставени владите на земјите членки. Ова значи дека предлогот останува во процедура, односно ниту е прифатен како пакет ниту, пак, е отфрлен, а рок за следните одлуки не е наведен.
Ова е особено важно за предлогот на Комисијата – за отворањето преговарачки кластери и другите меѓучекори во пристапните преговори да се одлучува со квалификувано мнозинство, наместо со едногласност. Таквата промена би ја намалила можноста поединечна членка да ги блокира тие фази. За самиот прием, според предлогот, и натаму би биле потребни едногласна одлука и ратификација на пристапниот договор од сите договорни страни.
За Македонија тоа значи дека од состанокот не може да се извлече заклучок во која насока ќе се движат дебатата и евентуалната одлука на оваа тема. Земјава воопшто не е спомената во делот за проширувањето, како што не се споменати ниту другите земји кандидати.
Во заклучоците на Европскиот совет, проширувањето повторно е определено како геостратегиска инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, но истовремено се бара продолжување на реформите, особено во владеењето на правото.
Конечниот текст на заклучоците се очекува да биде соопштен денеска на прес-конференцијата, која е закажана за 14:30 часот.

