Пратеникот Бејџан Иљас, претседател на Пратеничката група на Собранието на Македонија за соработка со Парламентот на Република Турција денеска оствари средба со претставници на невладини организации од Европа и Азија, членки на Работната група за турски малцинства/заедници (TAГ).
На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, е разговарано за положбата и правата на турската заедница во земјава, како и за предизвиците со кои се соочуваат во поширокиот регион. Било истакната важноста на меѓународната соработка и размената на искуства во насока на унапредување на правата, зачувување на културниот идентитет и јазикот, како и зајакнување на меѓусебното поврзување.

Од Собрание посочуваат дека работната група за турски малцинства и заедници (TAГ) функционира во рамките на Федералната унија на европските националности (FUEN) и има за цел да ги поддржува турските малцинства и заедници на широка географска област, од Кавказот до Балканот. Секретаријатот на TAГ го води Федерацијата на Турците од Западна Тракија во Европа (ABTTF), со седиште во Германија.
FUEN, која застапува 90 организации-членки во 32 европски земји, е најголемата европска чадор-организација на автохтоните национални малцинства и етнички групи во Европа. Нејзината работа е насочена кон заштита и промовирање на идентитетот, јазикот, културата и правата на националните малцинства, како и кон унапредување на нивната положба на регионално, национално и европско ниво.
Организацијата ги застапува интересите на малцинствата пред меѓународните институции, меѓу кои Европската Унија, Советот на Европа, Обединетите нации и ОБСЕ. Секоја година FUEN организира конгрес на автохтоните национални малцинства во Европа, на кој учествуваат претставници на организациите-членки. Во рамки на конгресот се разменуваат искуства и се усвојуваат резолуции за прашања и предизвици со кои се соочуваат малцинствата во различните земји.

