Имаме стабилна состојба во државата од аспект на инфлацијата, нешто што со месеци, со години претставуваше предизвик, нешто што претходната влада не убедуваше дека е увезено од ЕУ, рече премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата на една од телевизиите.
Ако ги гледате параметрите денеска, третиот квартал од 2026 година, посочи премиерот, ќе дојдете до заклучок дека во Македонија просекот на инфлација е понизок од тој на ЕУ. Во јули, август и септември просекот е од 2,5 проценти, а во ЕУ е 3,2, 3,3 проценти. Тој рече дека во септември имало просек на инфлација од 2,7 проценти, а во ЕУ бил 3,8 проценти и дека сме веднаш по Малта.
Во врска со синдикалната кошничка, Мицкоски рече дека нејзиното составување траело можеби една година, сите земале свое учество во нејзиното создавање и таа го добила својот лик.
– Јас сум убеден и свесен дека тоа што таа кошничка го содржи е она што е минимално потребно за да се помине месецот, плус минус можеби некои додатоци. Но, тоа е жива материја, не е тоа затворено, ќе додаваме, ќе одземаме, се менува менталитетот, потребите и навиките, така што и потрошувачката кошничка ќе се менува во зависност од тие параметри, рече Мицкоски.
Одговарајќи на прашање за просечната плата, тој истакна дека кога почнале со мандатот просечната плата била околу 40.000 денари (650 евра), а сега се прават потези со кои ќе се најде начин да се приближи до онаа граница психолошки лимит од 1.000 евра.
– Ние сме сега некаде на 800 евра, тука се движиме, значи од 650 евра стигнавме на 800 евра за 24 месеци. До крајот на 2026 сум убеден дека ќе ја натфрлиме магичната граница од 50.000 денари, просечно ако растеме со 7 до 7,5 проценти тоа значи дека 2027 година можеме многу лесно да ја завршиме со 53.000, 54.000 денари просечна плата. Ако истото тоа го направиме и во 2028 година тогаш многу лесно ќе дојдеме до 57.000, 58.000 денари. Можеби не сме дошле до 60.000 денари, но сме се приближиле, можеби ќе дојдеме, можеби побрзо ќе растат платите имајќи ги предвид нашите политики и амбиции, рече Мицкоски.
Тој додаде дека амбиција било да има БДП од 20 милијарди долари на крајот на мандатот и годинава има околу 22 милијарди долари БДП и дека имале цели кои ги задале, дел од нив се реализирале, дел од нив очекуваат наскоро да се реализираат.
– Ни треба политика на стабилност, а тоа се овие резултати. Во моментот му се допаѓале некому или не, тие се најдобри во регионот и најдобри во Европа. Има многу проблеми што допрва ќе ги решаваме. Од пред три години се живее подобро. Гарантирам дека за три години ќе се живее подобро, истакна премиерот Мицкоски.

