Триесетина повредени, од кои над 20 полицајци, и голем број приведени е епилогот од вчерашните големи протести на студентите во Тирана, кои прераснаа во насилни судири со полицијата.
Демонстрантите ја запалија зградата на Министерството за образование и две банкарски филијали, фрлаа камења кон полицајците и оштетија голем број продавници.
Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ја растера толпата.
Делегацијата на Европската Унија во Албанија ги повика властите да не употребуваат прекумерна сила, откако организаторите на протестите ја обвинија полицијата за насилство врз демонстрантите и новинарите.
„Загрижени сме поради ескалацијата на насилството на протестот во Тирана. Слободата на собирање и изразување се основни права и темелни европски вредности“, соопшти Делегацијата на ЕУ.
Протестите претставуваат нов удар за премиерот Еди Рама, кој се соочува со растечко незадоволство поради обвинувањата за корупција во највисоките владини кругови. Студентите бараат подобри услови на универзитетите, пониски трошоци за студирање, поголема финансиска поддршка и подобри можности за вработување по дипломирањето.
Демонстрациите се проширија и во универзитетските градови Елбасан и Скадар.

