По повод церемонијата на менување на државното знаме, којашто се одржува секој втор петок во месецот, денеска Кабинетот на претседателот го посетија учениците од ООУ „Гоце Делчев“ од Виница и деца од скопските градинки „Орце Николов“ – Карпош, Британска детска Академија и „Изворче – Монтесори“, како и дел од нивните наставници и воспитувачи.

Како што информираат од Кабинетот на претседателот, традиционалната церемонија ја реализирал Баталјонот за почести при македонската армија, придружуван од воениот оркестар.

-Децата љубопитно го проследија настанот, со почит се вклучија во интонирањето на македонската химна, а на крајот го крунисаа моментот со заедничка фотографија. Заинтересирано ги разгледаа кабинетските простории, а посебно внимание им посветија на двата прекрасни мозаици на Чемерски во свечената сала, се вели во соопштението.

Во него се додава дека највозбудлив дел од посетата бил бурниот разговор со претседателката, која била изненадена од умните прашања за нејзините омилени игри и училишни предмети, домашните миленици, но и за тежината и предизвиците во вршењето на претседателската функција.
Одговарајќи им, претседателката искрено признала дека нивните прашања ја вратиле во најубавиот период од животот, којшто никогаш никој не го заборава.

