Екипа на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје во недела (11 октомври) ќе врши санација на оштетената заштитна пешачка ограда на мостот „Близнак“, на булеварот Киро Глигоров.
Работните активности, како што информираат од ЈП Улици и патишта-Скопје, ќе се одвиваат од 6 до 8 часот наутро, на потегот од крстосницата со улицата „Индустриска“ до крстосницата со булеварот „АСНОМ“, во насока кон населбата Аеродром.
Поради изведба на работите ќе биде затворена крајната лева сообраќајна лента која ќе биде обележана со соодветна сообраќајна сигнализација за насочување на учесниците во сообраќајот, а останатата сообраќајна лента во насоката на движење останува слободна за непречено одвивање на сообраќајот.
Од ЈП Улици и патишта-Скопје апелираат до сите учесници во сообраќајот да бидат трпеливи до завршување на работните активности и да ја прилагодат својата брзина на движење според условите на патот.

