Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска остварил работна средба со холандските амбасадори во земјите од Југоисточна Европа, кои престојуваат во Скопје во рамките на регионална амбасадорска конференција.

– Разговаравме за билатералните односи, европската интеграција и спроведувањето на реформската агенда. Изразив благодарност за континуираната поддршка од Холандија за пристапен процес заснован на заслуги, со владеењето на правото како клучен елемент на реформите – информира Муцунски на „Фејсбук“.

Посебен акцент, како што нагласува, на средбата бил ставивен на документот на Европската комисија за иднината на проширувањето и внатрешните реформи на Европската Унија, како и на претстојната стратешка дискусија во Европскиот совет.

– Разменивме мислења и за актуелните состојби во регионот, неговата безбедност, стабилност и просперитет, како и за глобалните безбедносни предизвици и потребата од натамошно зајакнување на соработката и заштитата на заедничките стратешки интереси – посочува министерот.

