Напредок во спроведувањето на реформската агенда, во дигитализацијта и образованието, стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија,. Извештајот на Европската Комисија, кој покажува дека Македонија е меѓу лидерите во реформскиот процес беше презентиран во Собранието. Постигнувањата се напревени, но мора да се продолжи со работа особено во делот на борбата против корупцијата и носењето на новиот кривичен законик. Евроамбасадорот Михалис Рокас, повтори и дека без спроведувањето на уставните измени, нема старт на преговорите.
-Усогласувањето на нациаоналното законодавство со она на Европската Унија се подобри особено во сферата на дигитализација и образование. Реформите согласно Реформската агенда, кои што произлегуваат од Планот за раст, добија на динамика, ова се вистински постигнувања. И истото е во рацете на многумина кои што седите во оваа сала, вели Рокас.
Брисел треба искрено да покаже дека ја разбира загриженоста на Македонија, која бара предвидливост во процесот. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова рече дека од ЕУ очекуваме да стави јасно до знаење, преку стриктни правила, дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување, не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена, а не да остане само како декларација.
-Мора да сториме нешто сите заедно. И ние, и нашите соседи, и нашите европски партнери за да излеземе од лавиринтот. Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост, изјави Сиљановска Давкова.
Лидерот на опозицијата Венко Филипче пак контра зборовите и на Европската Комисија и на Рокас. Македонија немала никаков напредок во клучните реформи. Се пожали тој и неговите сопартијци биле прогласувани за предавници, а вината повторно ја најде кај медиумите чија уредувачка политика не му е по вкус.
-Имаме работа со силна пропаганда тука, која што се ќе претстави како предавство, на крај ќе не убеди дека е добро да бидеме руска провинција некоја, да копаме руда и добро ќе биде за мали пари, за сите нас, тоа ќе не убеди пропагандата под силните медиуми на Орбан и Вучиќ. 40 проценти од медиумите на Орбан, антиевропски наратив се шири сите овие изминати години, медиуми на Вучиќ противзаконски финансирани во земјава, изјави Филипче.
Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, повика на консензус меѓу сите политички субјекти, велејќи дека не треба да се дозволува билатерните политички услови да станат дел од копенхашките критериуми.
-Ако за нешто треба да се обединиме, тоа е државата да биде оценувана според стандардите и постигнувањата, не тврдам дека сме идеални, имаме уште многу слабости кои што треба да ги подобриме, но имаме и силни страни кои што треба да си ги почитуваме и да ги унапредиме. Но, ако за нешто е потребна арбитража, тоа е да не се дозволува билатералните наметнати политички спорови да стануваат дел од копенхашките критериуми, изјави Милошоски.
Министерот за европски прашања Беким Сали, налгаси дека Реформската агенда и Планот за раст треба да се поврзат со опипливи придобивки преку постепена интеграција во единствениот европски пазар, поефикасни јавни услуги и нови можности за компаниите.
Матеја Петровски

