Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска се обрати на настанот „Хуманитарната дипломатија како инструмент за обликување на иднината на Црвениот крст и националниот хуманитарен систем“ на покана на генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, а под покровителство на првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали.
Како што информираат од Министерството, во обраќањето пред присутните министерот Мисајловски говорел на тема „Национален хуманитарен систем, градење отпорност, можности и предизвици од членството во НАТО“, при што ги истакнал клучните столбови за заштита од денешните современи кризи нагласувајќи дека воените конфликти, климатските промени, природните катастрофи, хибридните и киберзаканите не познаваат граници и ги надминуваат капацитетите на поединечните институции.
– Современиот концепт на национална отпорност подразбира, покрај способноста да одговориме на кризите, навремено да ги предвидиме со цел да ги намалиме последиците и што побргу да го вратиме нормалното функционирање на општеството. Подготвеноста не почнува во моментот кога ќе се појави кризата, туку се гради многу порано преку заедничко планирање, развој на капацитетите и меѓусебна доверба – потенцирал Мисајловски потсетувајќи на мислата на американскиот претседател Џон Кенеди дека времето да се поправи покривот е додека сонцето сјае.

Осврнувајќи се на улогата на Министерството за одбрана и Армијата во националниот систем за справување со кризи, Мисајловски посочил дека македонската Армија, покрај својата примарна мисија, одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, претставува витален капацитет за поддршка на цивилните институции. Тој нагласил дека поддршката е клучот во справувањето со непогодите и кризните состојби бидејќи ниедна институција не може да дејствува изолирано и токму затоа, како што рекол, е неопходна координацијата и со Црвениот крст, граѓанскиот сектор и волонтерските друштва.
Во тој контекст министерот Мисајловски додал дека системот на солидарност и помош на земјите сојузнички во рамките на алијансата за нашата држава претставува дополнителна гаранција и поддршка за градење отпорно општество и побрз одговор при големи катастрофи. Како потврда за оваа двонасочна солидарност биле посочени македонските армиски тимови, кои помагаа по разорниот земјотрес во Турција и поплавите во Словенија, но и итната сојузничка помош за време на трагедијата во Кочани преку поддршката со медицинска евакуација, опрема и лекување на повредените, како и преку ангажирањето 10 воздушни тима за гаснење на пожарите во 2024 година.
Мисајловски истакнал и дека градењето национална отпорност е континуиран процес во кој секој сектор има своја одговорност, а преку зајакнување на партнерството меѓу државните институции, Црвениот крст и граѓанскиот сектор се создава поефикасен и поодржлив систем за заштита на граѓаните.

