Како Министерство за економија и труд, ќе го започнеме процесот на реформирање и подобрување на Законот за волонтерство, следејќи ги најдобрите европски практики. Нашата цел е да создадеме модерна законска рамка што гарантира подобра заштита на волонтерите, признавање на стекнатите вештини и нови можности за волонтерски ангажман, истакна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во денешната објава на неговата Фејсбук-страница по денешното учество на настанот посветен на хуманитарната дипломатија и иднината на Црвениот крст во земјава.
-Разговаравме за важноста на волонтерството, солидарноста и зајакнувањето на националниот хуманитарен систем. Во мојот говор, нагласив дека волонтерството, покрај својата хуманитарна вредност, игра важна улога и во развојот на човечкиот потенцијал, особено кај младите луѓе, овозможувајќи им да стекнат вредно искуство, знаење и вештини за професионален развој, вели министерот Дурмиши.
Министерот, вели, цврсто верува дека преку соработка меѓу институциите, Црвениот крст и организациите на граѓанското општество, ќе се изградат поодржлив хуманитарен систем и општество, каде што солидарноста и хуманоста остануваат фундаментални вредности.

