Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска престојува во официјална возвратна посета на Република Хрватска, каде што во Загреб ќе оствари средби со највисоките претставници на хрватската законодавна и извршна власт.
Како што стои во соопштението на Собранието, во состав на делегацијата се и претседателката на пратеничката група за соработка со парламентот на Република Хрватска, Благица Ласовска, како и членовите на групата, Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати.
Од Собранието посочуваат дека официјалната посета претставува можност за размена на мислења за прашања од заеднички интерес, унапредување на билатералните односи и натамошно продлабочување на парламентарната соработка. Воедно, таа е потврда на заедничката определба за одржување отворен и конструктивен дијалог и за негување традиционално блиски и пријателски односи меѓу двете земји, засновани врз партнерство, меѓусебна доверба и добрососедство, кои претставуваат позитивен пример за конструктивна соработка во регионот.
Важен дел од билатералната агенда, се наведува во соопштението, ќе биде и европската перспектива на земјава. Притоа се истакнува дека Република Хрватска е значаен и доследен поддржувач на нашиот европски пат, поддршка што високо ја ценат и институциите и граѓаните и која претставува важен поттик во напорите за остварување на заедничките европски цели.
Со официјалната возвратна посета, додаваат од Собранието, се потврдува значењето на блиското партнерство меѓу двете земји и нивната заедничка посветеност на европските вредности, регионалната стабилност и просперитетот.

