Јавната здравствена установа Здравствен дом „Гоце Делчев“ во Делчево наскоро ќе добие нов дигитален мамограф, со што значително ќе се унапредат можностите за дијагностика и рано откривање на заболувањата на дојката.
Како што изјави директорката на установата, Билјана Георгиевска, за набавката на апаратот се обезбедени наменски средства од Владата на кои, во соработка со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, изнесуваат 13.450.000 денари.
-По успешно спроведената јавна набавка, веќе е потпишан договорот со испорачателот и се очекува дигиталниот мамограф да биде доставен и ставен во функција во наредните два до три месеци, истакна Георгиевска.
Покрај модернизацијата на медицинската опрема, Здравствениот дом активно работи и на зајакнување на стручниот медицински кадар. Во тек се две нови специјализации – по медицина на труд и по радиологија, со што установата во моментов има вкупно четири специјализанти кои во следните години треба да се вратат и да им бидат на располагање на пациентите.
Во однос на новите вработувања, по минатата година кога беа ангажирани 10 нови лица (од кои пет лекари во Службата за итна медицинска помош и четири медицински сестри), годинава е во тек процес за дополнително екипирање.
-Оваа година се реализираат вработувања на уште тројца лекари за Итната медицинска помош, медицинска сестра, возач, како и дипломиран психолог. Со тоа Здравствениот дом во Делчево ќе биде единствен во регионот што ќе нуди ваков тип психолошка поддршка и услуга, додаде директорката.
Паралелно со ова, медицинскиот кадар се упатува и на дополнителна едукација – во тек е стручно усовршување за формирање центар за дијабетес, како и обука за електроенцефалографија (ЕЕГ).
Од Здравствениот дом нагласуваат дека фокусот до крајот на годината и во наредниот период останува на учеството во проекти за набавка на дополнителни апарати, со цел од следните години дополнително да се прошират услугите во областа на неврологијата, интерната медицина и лабораториските дијагностички процедури.
Директорката Георгиевска изрази благодарност и до сите општествено одговорни компании и поединци кои преку донации на возила и опрема даваат поддршка за подобрување на условите во установата.

