Социјалните мрежи добиваат забрани во повеќе земји низ светот. Во Австралија, ТикТок, Инстаграм и Фејсбук се целосно забранети за деца под 16 години, во Грција од следната година ќе стапат на сила слични правила, а во моментов се разгледува вакво решение и во Словачка.
Во Македонија, пак, доколку се разгледуваат мерки за користењето на социјалните мрежи од страна на децата, тогаш решението треба да биде поинакво од едноставна блокада, сметаат експертите.
„Ако се носат такви закони во Македонија, треба да се прават две работи: да се следи дебатата и законодавството на ЕУ, а втората работа е да се вклучат сите млади луѓе, сите деца и сите родители во процесот, бидејќи само на тој начин може да се направи решение. Во спротивно, сето тоа ќе биде лутање, ќе биде придонес во дебатата, но нема да биде добро решение… Многу е тешко да се биде сигурен дека нема да се бараат прокси-канали, да се бараат други мрежи коишто се достапни во моментот. Сите сме биле деца, сите сме биле млади. Она што го сака секое дете, секој млад човек, е да ужива во слободата“, изјави комуникологот Бојан Кордалов.

Во Албанија, на пример, во 2024 година беше забранета мрежата ТикТок, откако 14-годишник беше смртно прободен по конфликт на онлајн платформата. Забраната траеше 12 месеци, но не покажа вистински резултати, а корисниците најдоа други начини да ги заобиколат ограничувањата.
Регулации треба да има, но тие не треба да бидат резултат на страв, туку да бидат спроведени разумно, вели Кордалов.
„Ако само се јава на бранот на страв, само на бранот на нешто да се спречи, тогаш ризикуваме да се носи решение коешто е од денеска до утре. Веќе утре нема да успее да се спроведе или, пак, ќе се сфати дека нема да се случи. Како, на пример, тоа што се случи со судот во Франција, којшто ја запре онаа измена за забрана за деца. И уште повеќе ризикуваме да се загрози довербата во процесот“, изјави комуникологот Бојан Кордалов.
Пред неколку дена, Мета платформс се согласи да плати 16,68 милијарди долари за решавање на тужби поднесени од 29 држави во САД. Компанијата која ги води Фејсбук и Инстаграм се согласи на спогодба, откако беше обвинета дека нејзините платформи намерно создаваат зависност кај децата и планира да воведе дневни ограничувања, како и ноќни блокади за малолетниците.
Сепак, Мета бара исти обврски и за мрежи како Јутјуб и ТикТок.

