Претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на митинг во Брвеница, во пресрет на изборите за градоначалник, порача дека граѓаните ќе избираат меѓу, како што рече, „сигурна иднина“ и политики што водат кон поделби.
– Изборот на овие избори за Брвеница е помеѓу сигурна иднина за сите граѓани и избор што ќе ја подели Брвеница – рече Мицкоски.
Во обраќањето тој упати критики кон политичките противници, оценувајќи дека нивната кампања се темели на навреди и омаловажувања.
– За жал, вчера тука беше СДСМ. Немаа програма, немаа дела што да ги понудат, но имаа навреди, омаловажувања и арогантен однос. Кажаа некаков проект и, освен неартикулирано викање, беседење и исплашени луѓе на бината, буквално ништо друго не видовме – истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека на Брвеница ѝ се потребни инвестиции во инфраструктурата, поддршка за локалната економија и земјоделството, како и подобри јавни услуги, додавајќи дека општината ќе ја има поддршката од Владата.
– Брвеница ќе ја има поддршката од Владата и со Стојанче Радичевски ќе има градоначалник достапен за сите – рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на економските политики, Мицкоски рече дека резултатите треба да се мерат според нивното влијание врз животниот стандард на граѓаните.
– Вистинската вредност на секој таков резултат се гледа во тоа дали едно семејство живее посигурно, дали младиот човек добил достоинствена и добро платена работа и дали пензионерот може подостоинствено да ги помине своите години – рече Мицкоски.
Тој порача и дека институциите и политичарите треба да бидат оценувани според нивните резултати и исполнувањето на преземените обврски.
– Не барам никој да верува во големи зборови без докази, ниту да прифаќа ветувања без резултати. Напротив, барам институциите да бидат оценувани според нивната работа, а политичарите според исполнувањето на преземените обврски – истакна Мицкоски.
На предвремените избори за градоначалник на Брвеница, распишани по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски, ќе учествуваат шест кандидати – Стојанче Радичевски (ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата), Јовица Радески (СДСМ и коалицијата), Јакуп Усеини (Вреди), Аркин Јахији (ДУИ и НАИ), како и независните кандидати Арифе Идризи и Душан Богдановски.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:

