Западнонилската треска коси кај јужниот сосед. Пред претстојниот празничен викенд, во кој се очекува многу граѓани да летуваат во Грција, властите оттаму алармираат дека последната седмица има рекорден број на заразени луѓе, односно 75 нови случаи. Затоа се препорачува навремена заштита. Најмногу заразени има во регионот околу Атина односно 137, од вкупно 232 заразени луѓе и 19 смртни случаи. Последната седмица починале шестмина како последица на инфекцијата. Најновите информации ги објави Националната организација за јавно здравје во Грција. Покрај Атина и Пелопонез, во Тесалија, северна и централна Грција се регистрирани 77 случаи. Досега инфекцијата е потврдена во 61 општина ширум земјата. Здравствените власти очекуваат нови случаи и во наредниот период, со оглед на сезонската активност на вирусот. Потешките симптоми коишто се јавуваат кај заболените се воспаление на мозокот менингитис и акутна парализа, а просечната возраст на пациентите е 75 години. И покрај алармнтните бројки, грчкиот министер за здравство Адонис Георгиадис смирува, место за паника нема. Најголемиот бран на вирусот Западен Нил во Грција бил регистриран во 2018, кога биле потврдени 317 случаи и 51 смртен исход. Во однос на регионот, втор случај на западнонилска треска оваа година е регистриран вчера и во Бугарија, кај пациент од Пловдив на возраст од 63 години, кој развил невролошки компликации по летниот одмор на Црното Море. Во Србија пак, од почетокот на сезонското следење до 23 август се регистрирани вкупно 11 случаи на западнонилска треска. Во Албанија досега има само еден потврден случај. Пикот на вирусот засега се уште е во Италија. Таму, главните жаришта на вирусот се во северните и централните делови од земјата. Случаи на вирусот оваа година се регистрирани и во повеќе европски земји, меѓу кои, Романија, Франција, Шпанија, Австрија, Германија, Косово и Холандија. Епидемиолозите постојано ги повикуваат граѓаните да се заштитуваат од убоди од комарци. Особено се препорачува редовно повеќекратно нанесување средства за заштита од инсекти.