Опфатот со скрининг за рак на грлото на матката во земјава се движи од 10,3 до 15,5 проценти од целната популација, што е значително под европските препорачани нивоа за организиран популациски скрининг, покажуваат наодите на Државниот завод за ревизија. За надминување на утврдените слабости, Здружението на приватни гинеколози и акушери на Македонија (ЗПГАМ) на 31 октомври во Скопје ќе организира стручен симпозиум за унапредување на скринингот и секундарната превенција на ова малигно заболување.
Целта на симпозиумот е преку заедничка стручна анализа со домашни и меѓународни експерти и релевантни институции да се утврдат слабостите во досегашното спроведување на програмите и да се предложат конкретни мерки за подостапен, поквалитетен и поефикасен скрининг.
Симпозиумот ќе се одржи во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, под наслов „Цитологија базирана на течност (LBC) во секундарната превенција на ракот на грлото на матката: алгоритам за рационална примена на конвенционален ПАП тест, LBC и клиничко HPV тестирање во менаџментот на пациентките“.
Преку стручни предавања, практични демонстрации и размена на домашни и меѓународни искуства ќе се разгледуваат примената на скрининг-тестовите, квалитетот на земањето и обработката на примероците, индивидуалната процена на ризикот и понатамошното следење на пациентките.
Централен дел од симпозиумот ќе биде панел-дискусијата „Скринингот за рак на грлото на матката во Република Северна Македонија – актуелни предизвици и идни перспективи“.
Според програмата, во панел-дискусијата е предвидено учество на претставници на Здружението, меѓународен експерт од областа, Светската здравствена организација, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Националната комисија за скрининг на рак на грлото на матката.
Фокусот на дискусијата ќе биде на зголемување на опфатот на жените, навременото добивање на резултатите, континуираното следење на пациентките и подобрата координација меѓу здравствените професионалци и институциите одговорни за организацијата, финансирањето и следењето на програмата.
Од Здружението посочуваат дека целта е стручната размена да резултира со применливи препораки со кои наодите од ревизијата ќе се преточат во конкретни подобрувања на скринингот.

