Општина Куманово, во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, почна со реализација на пилот-мерката „Зелена социјална работа“ – иновативен пристап што ја спојува социјалната заштита со еколошката одговорност. Денеска пред Центарот за култура се одржа едукативен настан кој ги вклучи учениците од руралните средини и ранливите категории, во рамки на иницијативата која има за цел да ја подигне јавната свест за рационално користење на водата и одржливо управување со природните ресурси. Активностите се реализираа на градските плоштади во Куманово се дел од поширокиот проект „Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“.

Претставничките од Одделението за социјална заштита од општина Куманово и од Центарот за социјални работи Тања Стефановска и Тања Георгиевска во денешната изјава за медиумите потенцираа дека во фокусот е водата како ресурс кој сè почесто се третира не само како еколошко, туку и како социјално прашање.
– Во активностите се вклучени ученици од ООУ „Вера Которка“ од село Клечовце преку пораки, цртежи и директна комуникација со граѓаните ја потенцираат важноста на водата како ограничен природен ресурс. Посебен акцент е ставен на инклузијата учествуваат и деца од социјално ранливи категории, што ја нагласува двојната димензија на проектот: еколошка и социјална. На овој начин, децата не се само корисници на поддршка- изјавија социјалните работнички.

Тие укажуваат дека оваа иницијатива претставува обид социјалната работа да се врати кон својата примарна улога, а тоа е превенцијата. Наместо справување со последиците, фокусот се става на рано дејствување, преку едукација и градење навики кај најмладите.
-Да почнеме од почеток, за да не се соочуваме со лоши исходи“, е пораката што ја испраќаат професионалците од оваа област, одржливата иднина започнува со информирани и одговорни граѓани-изјавија Георгиевска и Стефановска.

Ова е првпат мерката „Зелена социјална работа“ да се пилотира на локално ниво во државата, при што Куманово е избрано како претставник на Североисточниот плански регион. Иницијативата се реализира во рамки на национален проект, но локалната имплементација. Очекувањата се дека ваквите активности ќе прераснат во континуирана практика, со што „зелената социјална работа“ ќе стане составен дел од локалните политики.
„Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“ е проект на Здружението на социјални работници на Македонија и Центар за социјални иницијативи „Надеж“ од Скопје, финансиски поддржан од страна на „Цивика Мобилитас“, поддржан од Владата на Швајцарија.
Пошироката цел на иницијативата е да се поттикне чувство на заедничка одговорност за природните ресурси. Преку поврзување на институциите, училиштата и граѓаните, се гради модел на заедница која не само што реагира на проблемите, туку и активно работи на нивно спречување.
