Наставата во основното музичко училиште „Панче Пешев“ Куманово ќе се одвива во просториите на ООУ „Вук Караџиќ“ до крајот на учебната година, поради започнување на реконструкција на објектот. Одлуката ја донесе Советот на Општина Куманово на последната седница. Раководителот на Секторот за образование во Општина Куманово, Александар Јовановиќ, информираше дека станува збор за проект кој опфаќа реконструкција на кровот, замена на фасада со енергетски ефикасна, како и замена на прозорците.
-Објектот станува небезбеден поради интервенциите на кровот, па беше неопходно учениците привремено да бидат префрлени во друго училиште. Слична пракса имавме и претходно при реконструкции на други училишта- изјави Јовановиќ.

Тој додаде дека реконструкцијата се реализира со поддршка на УНДП, по претходно одржани граѓански форуми на кои била изгласана потребата од ваква инвестиција, дел од мерките за подобрување на условите и справување со загадувањето.

-Наставата ќе биде организирана пред и по редовните часови во „Вук Караџиќ“, со оглед дека музичкото образование не е задолжително и може да се вклопи во распоредот. Просторните услови се соодветни и учениците ќе имаат на располагање кабинети за работа- појасни Јовановиќ.
Според најавите, реконструкцијата треба да заврши за околу два месеца, по што се очекува учениците од септември повторно да се вратат на настава во објектот на „Панче Пешев“.
