Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) денеска организира тркалезна маса во рамки на проектот „Чист воздух за потрошувачите: Подигнување на одговорноста на бизнисите во Скопје“. Проектот се спроведува со финанасиска поддршка од Фондот за чист воздух – Clean Air Fund преку Consumers International.
Целта на тркалезната маса, како информира ОПМ, е да се поттикне дијалог меѓу компаниите од транспортниот и енергетскиот сектор, надлежните институции, локалната самоуправа, експертската јавност и претставниците на потрошувачите, со акцент на поголема одговорност и транспарентност на компаниите и можностите за преземање конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје.
На настанот ќе бидат претставени резултатите од истражувањето за ставовите и искуствата на потрошувачите, досегашната комуникација со компаниите и нивните одговори, како и Водичот за граѓаните за чист воздух.

