Општина Струмица објави јавен повик за доделување финансиска поддршка во една наставна година за редовните ученици со попреченост, со наод и мислење, во училиштата во општина Струмица во учебната 2026/2027 година.
Како што е наведено во повикот, финансиска поддршка во износ од 3.000 денари месечно, во времетраење од девет месеци, може да добие редовен ученик со попреченост запишан во општинските основни и средни училишта и во ДСУ-РЦСОО „Никола Карев” – Струмица.
Подносителот на барањето треба да поседува документација за вид и степен на попреченост (наод и мислење за функционална процена и/или наод од стручно тело за проценка на функционирање, попреченост и здравје или потврда дека е во процес на функционална процена, како и мислење од стручната служба од училиштето каде е запишан ученикот), да има успешен премин во следната учебна година и на родителот/старателот, кој аплицира во име на ученикот за финансиска поддршка, да не му е одземено родителското право, односно старателството.
Барањата со потребните документи треба да се достават на адреса: Општина Струмица, ул. „Сандо Масев“ бр. 1, 2400 Струмица, лично во архивата на Општина Струмица, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот или по пошта, во затворен плик, со назнака „Не отворај“, до Комисија за доделување на финансиска поддршка за ученици со попреченост.
Јавниот повик трае 15 дена од денот на објавувањето на општинската веб-страница, каде што може да се добијат и дополнителни информации и потребните документи.

