Бошњачкиот демократски сојуз најостро реагира на неправилното и неприфатливо претставување на учесници на ракометниот турнир што моментално се одржува во државата, се наведува во соопштението од Сојузот, кое МИА го пренесува интегрално.
Имено, во машкиот (детски/јуниорски) турнир – Група А, како „држава учесник“ е наведена „Република Српска“. Потсетуваме дека „Република Српска“ не е држава, туку ентитет во состав на Босна и Херцеговина, меѓународно признаена суверена држава.
Ваквото претставување е неточно и неприфатливо, и претставува нарушување на основните меѓународно признати факти. Спортските настани треба да бидат ослободени од политички и административни манипулации и да ги почитуваат официјалните државни рамки.

Бараме од организаторите итно да ја коригираат оваа грешка и да го користат правилното име – Босна и Херцеговина, како земја од која доаѓа наведениот тим.
Ја информираме јавноста дека до организаторот е веќе испратена официјална протестна нота по повод овој случај. Очекуваме одговорно постапување и исправка во најкраток можен рок.
