Премиерот Христијан Мицкоски вели дека политиките што ги води се народни, промакедонски. Тоа, нагласи, се политики поврзани со проекти за подобрување на животот на граѓаните. За 28 месеци, колку долго се на власт во Македонија, како што потенцира, не постои ниту една афера која што е поврзана со оваа Влада. Ги бранат, потенцира Мицкоски, државните интереси, а прилично вешто се поставиле и во услови на, како што вели, тивка, невидлива трета светска војна како резултат на енергетската криза и кризата на финансиските пазари. Затоа не очекува некакво движење, како студентското во соседна Србија, кое би било радикално против политиките на Владата.
– Прво, јас сум универзитетски професор кој што секој ден е на линија со студентите. Второ, како човек нема никогаш нема да дозволам да се создаде движење коешто ќе биде радикално против моите политики, затоа што политиките јас кои што ги водам се политики народни, промакедонски. Трето, она што е многу важно, таков тип на обоена револуција во Македонија се случи во 2017 година. Кога имаше пароли – нема правда, нема мир, кога беше формирана Владата на Заев, а тие ги разочара граѓаните. И токму тие се луѓето кои што донесоа најголемо разочарување. Јас поинаку ја поставив тезата. Промените започнаа токму од тука во 2024 година, па потоа насекаде во регионот и претпоставувам некаде ќе завршат, сега каде, не знам, рече премиерот Мицкоски на една од националните телевизии.
Нагласува дека тврдењата на опозицијата дека оваа власт е следна која треба да падне по онаа на Орбан и сега на Вучиќ не им носи поени. Мислам, вели тој, дека нема да дојдат до резултатот којшто којшто го посакуваат, но тоа е нивен проблем, не е наш проблем.
-Ние остануваме фокусирани на она што е наша политика, тоа се проектите. Ако погрешивме во тоа што донесовме 100 амбулантни возила коишто со децении не биле донесени. Ако погрешивме што отворивме основно училиште каде што илјада деца учиња, во Гази Баба коишто претходно учеле во бараките изгдарени после земјотресот, виновен сум. Ако погрешивме дека имаме шест автопатски делници, два гасовода, еден далновод, 1.500 проекти во ред, виновен сум – нагласи Мицкоски.
Прашан дали тој може да им каже на граѓаните што не гледаат вечерва, дека кај нас е променет образецот на коруптивно и лошо функционирање на институциите, премиерот вели дека тие се на власт трета година и оти нема ниедна афера поврзана со Владата.
– Некаде околу 28 месеци поминаа откако бевме избрани како Влада. Не постои ниту една афера која што е поврзана со оваа Влада. Ги браниме државните интереси, прилично вешто се ставаме во услови на би рекол тивка, невидлива трета светска војна како резултат на енергетската криза и кризата на финансиските пазари која што предизвикува социјални немири во голем дел од европските метрополи. Мислам дека прилично дисциплинирано се однесуваме, нагласи премиерот.
Тој посочи дека исто така е зголемена борбата против криминалот секаде во државата особено во Скопјеи оти сега безбедноста е зголемена.
-Правевме многу акции со кои што му ставивме точка на криминалот во многу области. Дали е тоа доволно? Не. Дали треба да биде уште поробусно сето тоа? Да, се сложувам дека треба да биде. Но дали е подобро од пред три или четири години кога е многу подобро. Дали идеално?. Не. Јас можам да ви кажам да, има одредено незадоволство, но, има и одредено задоволство. На крајот од денот ние сме политичари коишто овие два факти ги мерат на избори. И на избори ако победи незадоволството, јас ќе заминам во опозиција, нека дојде некој подобар. Ако ние сме подобри, ќе победиме, нагласи премиерот Мицкоски.

