Генерално ни е важно да станеме препознатливи и во државата и надвор, но за тоа да го направиме мора да направиме малку посериозна интеграција. Кога зборувам за интеграција ние да се запознаеме меѓу нас. Кога ќе станеме така препознатливи меѓу нас можеме да правиме заеднички проекти, мултидисциплинарни, да соработуваме многу повеќе и да прејудицираме многу повеќе знаење, трудови, па дури и да направиме настава во која студентите ќе добијат знаење од другите факултети кои се сродни на предметната програма која ја изучуваат. Во делот на меѓународната препознатливост мора да почнеме сериозно да ги упатуваме нашите студенти надвор, многу повеќе да одат, истакна денеска кандидатот за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, проф.д-р Дарко Данев од Машинскиот факултет.
Тој одржа своја презентација, бидејќи на дебатата што ја организираше Независниот академски синдикат (НАкС) со кандидатите за ректор на УКИМ на поканата не се одѕва профорката и ректорка Билјана Ангелова. Изборот на ректор ќе се одржи идната недела.
– Имаме голем дел од лаборатории кои се на располагање на сите студенти, на сите професори од УКИМ, во рамките на Машинскиот факултет. Но, тоа го има на секој факултет, а ние не сме сите горе доле запознаени и свесни на кој факултет што има. Денеска е ова можност да се запознаме меѓу нас. Јас да кажам тоа што имам, а моите колегите да слушнат што имам. Мора да биде потранспарентни во работењето, мора да бидеме попродуктивни кога ги објавуваме информациите, а не да ги зачувуваме и да останат несработени да останат некои работи и треба да се гордееме со тоа, рече проф.д-р Данев.


Во делот на меѓународната препознатливост, појасни, мора да почнеме сериозно да ги упатуваме нашите студенти надвор, многу повеќе да одат.
– Добиваме помали квоти за студентите кои излегуваат надвор преку Еразмус програмата затоа што не ни до крај искористени, можеби заради големата бирократска постапка која треба да се направи, па во последен момент кога ќе се откаже некој студент немаме веднаш замена. Значи не правиме приоритетски листи. Сето тоа може да се подобри и да се унапреди. Истото го мислам и за престојот на нашите помлади колеги, асистентите задолжително и исто така доцентите и вонредните професори, а во делот на развојот на науката апсолутно треба да се земе и да се работи и со нашата дијаспора и да ги повлечеме, не мислам физички тука да живеат луѓето, туку да ги повлечеме нашите кои се надвор во реномирани установи, факултети, универзитети, па и компании кои работат исклучиво наука, да бидат дел од нашата настава, да доделиме почесни титули на доктори, професори итн., па ние со нив кога ќе твориме во нивната втора афилијација да пишува УКИМ, така што малку да почнеме да работиме на таа препознатливост и да одиме напред, рече проф.д-р Данев.
Тој истакна дека мандатот на ректорот е детерминиран со мандатот кој е дефиниран во изборите, завршува сега и се отвора можност да се конкурира.
– Беше распишан конкурс за избор на нов ректор. Јас бидејќи чувствувам дека имам доволно искуство зад мене, доволно знаење со менаџирање, со управување и со водење на факултетот во два мандата, седум години по ред, ценам дека можам да дадам некаков придонес, како што тоа заедно со тимот на продекани и деканатската управа го правивме за оние седум години на Машинскиот факултет, а имаше многу постигнувања. Не велам дека досега не е добро, но велам дека може да биде подобро, додаде проф.д-р Данев.
Проф. д-р Виктор Стефов од Институт за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје и член на претседателството на НАкС рече дека била испратена покана за јавна дебата на двајцата кандидати за ректор – профорката и ректорка Билјана Ангелова и проф. д-р Дарко Данев, професор на Машинскиот факултет. Појасни дека на поканата се одѕвал професорот Данев, а ректорката кажала дека е зафатена, дека е во Охрид и не може да дојде на денешната дебата.

– Дадовме опција да ја одложиме дебата за утре и тоа не беше прифатено, пробавме опција и он лајн да се приклучи ректорката и тоа не беше прифатено и за жал наместо дебата ќе има презентација иако ние како Независниот академски синдикат максимално се трудиме да држиме еквидистанца и до едниот и до другиот кандидат, за да имаат фер претставување и да ги соочат своите аргументи пред публиката, пред јавноста. Тоа беше целта. Ова е традиционално. НАкС за секои избори организира дебата, така е и овој пат. Поканета е целата јавност на УКИМ, декани, директори, до Универзитетското собрание, сакавме да ја покриеме целата јавност на УКИМ да биде присутна на настанот. Што се однесува на изборот на ректор тој се одвива согласно правилата на Универзитетот. Идната недела ќе биде изборот на ректор, а ние сакавме кандидатите да си ги соочат своите аргументи, додаде проф. д-р Стефов.
