Реклама
Балкан

Ден на жалост во Србија – една година од трагедијата во Нови Сад

Пред една година, на денешен ден, Србија доживеа трагедија што ја потресе…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Пред една година, на денешен ден, Србија доживеа трагедија што ја потресе целата држава.

Во 11 часот и 52 минути, бетонската настрешница на реконструираната Железничка станица во Нови Сад се урна врз луѓето кои чекаа воз.

Шеснаесет лица загинаа, меѓу нив четири деца, а едно девојче беше тешко повредено.

Реклама

Меѓу загинатите беше и Македонецот Васко Саздовски (46) – виш истражувач во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад. Колеги и граѓани денес му оддадоа почит со минута молк и бела роза на местото на трагедијата. Во Нови Сад денес владее тишина. Илјадници луѓе, меѓу кои и студенти, ветерани и семејства на загинатите, се собраа на 16 локации – за 16 жртви. Од таму, во тивка колона се упатија кон железничката станица. Во 11:52 часот, како симболичен момент на сеќавање, целиот град застана. 16 минути тишина – за 16 изгубени животи.

Слични комеморации се одржуваат и низ други градови во Србија, а српската дијаспора организираше собири и во Виена, Берлин и Торонто.
И во Србија и во Република Српска, денеска е Ден на жалост.

Во Храмот Свети Сава, претседателот Александар Вучиќ им оддаде почит на жртвите и порача:

Помина година од денот што засекогаш ја промени Србија.
Можам да го разберам гневот, особено на семејствата на жртвите.
Но денешниот ден не треба никој да го користи за политичка корист.
Важно е да останеме обединети и да водиме дијалог, со почит, без поделби и тешки зборови.“

Вучиќ вети дека ќе запали свеќа за секоја жртва и призна дека е разочаран што по една година уште не е утврдена кривична одговорност.

Веднаш по несреќата, државните институции соопштија дека надстрешницата не била предмет на реконструкција. Но, граѓаните и експертите тврдеа дека тоа е лага.

Под притисок на јавноста, министерот Горан Весиќ и директорката Јелена Танасковиќ поднесоа оставки, а 15 лица, меѓу кои и поранешниот министер Томислав Момировиќ, се под истрага за негрижа и корупција поврзана со реконструкцијата на железницата.

Оттогаш, Србија е поделена меѓу две вистини – онаа на власта, и онаа на граѓаните кои секојдневно бараат правда.

Активисти на студентската организација СТАВ, веднаш по трагедијата, организираа бдеење со свеќи.
Веќе на крајот на ноември почнаа блокади на факултети и јавни институции, а на 15 март годинава се одржа најголемиот протест во поновата историја на Србија, на кој десетици илјади граѓани побараа одговорност.

Истрагите се во тек – три случаи се во фаза на дополнување, а судска постапка сè уште не е покрената.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад обвини дека Вишиот суд ја опструира постапката, додека во Белград се отвори паралелна истрага со коруптивни елементи.

Кога граѓаните ќе си ги повратат институциите – сите одговорни ќе одговараат.
Народот повеќе не верува во лаги.
Сите видоа што се работеше, а потоа ни рекоа дека надстрешницата не била реконструирана.
Под тој бетон останаа 16 животи. И никој нема право на молк.“

Ѓајиќ, кој бил стручен консултант при реконструкцијата, тврди дека вистината била прикривана, а работниците уценувани да не зборуваат.