Kомпанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ денеска донираше современа противпожарна опрема за потребите на Територијалната противпожарна единица од Кочани, со што се зајакнуваат капацитетите на единицата за справување со пожари и други непогоди и несреќи.

На примопредавањето на донацијата, генералниот менаџер на „Амфенол“, Сашко Наков, истакна дека донираната опрема ги исполнува високите европски стандарди и ја нагласи определбата на компанијата да придонесува за заедницата и нејзината безбедност. Вредноста на донацијата достигнува 10 илјади евра.
-Станува збор за современи апарати од реномираниот бренд Scott, модел Sigma 2 Type 2, со компримиран воздух, специјално дизајнирани за интервенции при пожари во индустриски објекти и во најтешки услови, односно во средини опасни по животот и здравјето на пожарникарите. Опремата ги исполнува високите европски и светски безбедносни стандарди (EN 137:2006 Type 2) и е изработена од огноотпорни материјали. Боците работат под висок притисок од 200 до 300 бари. Апаратите се лесни и практични за носење, со тежина од околу три килограми без боцата, а опремени се и со звучен аларм и прецизен манометар, кои овозможуваат навремено предупредување и поголема сигурност при интервенциите, појасни генералниот менаџер на „Амфенол“, Наков.

Командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов, упати благодарност до компанијата, посочувајќи дека новата опрема ќе биде од голема корист за пожарникарите во извршувањето и на најтешките нивни задачи и интервенции.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, кој ја поздрави донацијата и истакна дека Општината и компанијата „Амфенол“ имаат долгогодишна и успешна соработка, која се потврдува и преку ваквите општествено одговорни активности.

