Општина Илинден продолжува со инвестициите во комуналната инфраструктура. Во местото Плац, во населбата Илинден, во тек се градежни активности за проширување на фекалната канализациска мрежа и обезбедување приклучоци за домаќинствата кои досега немаа пристап до канализациски систем.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во градежните работи и посочи дека проектот опфаќа домаќинства лоцирани во еден од најниските делови на населбата, каде што поради конфигурацијата на теренот досега немало технички услови за нивно поврзување со постојната канализациска мрежа.
Во рамки на проектот, како што информираат од локалната самоуправа, е изградена примарна канализациска мрежа и се поставени приклучоци за домаќинствата, кои преку препумпен уред ќе бидат поврзани со постојниот колекторски систем за фекална канализација. Со ова се создаваат услови за надминување на долгогодишниот инфраструктурен проблем во овој дел од населбата.
Од Општина Илинден посочуваат дека и во наредниот период ќе продолжат инвестициите во проширување и модернизација на комуналната инфраструктура, со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, обезбедување поквалитетни комунални услуги и поголема заштита на животната средина.

