Регионалната медиумска соработка, зачувувањето на независноста и плурализмот на медиумите, борбата против дезинформациите и улогата на јавните радиодифузни сервиси во зајакнувањето на довербата во европскиот проект беа меѓу главните теми на 20. југоисточноевропски медиумски форум (SEEMF) 2026, што денеска се одржува во Скопје.
На форумот, кој се одржува со мотото „Поблиску до регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникацијата и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“, беше истакната потребата од заеднички пристап на медиумските организации, новинарите и институциите кон предизвиците што ги носат дигиталната трансформација, дезинформациите и политичката поларизација.
Генералниот секретар на Организацијата за медиуми на Југоисточна Европа (SEEMO), Оливер Вујовиќ, во поздравното обраќање нагласи дека форумот претставува можност новинарите, експертите и дипломатите заеднички да разговараат за актуелните медиумски прашања како на глобално ниво така и во регионот на Западен Балкан.
Тој потсети и на значајната улога што Македонија ја имала во поттикнувањето на регионалната новинарска комуникација посочувајќи го настанот организиран во Охрид во 2003 година, кога повеќе од 100 новинари од Белград и Приштина, првпат по конфликтот, се сретнале и три дена разговарале за можностите за соработка.

– Тоа беше навистина голем настан и добар почеток на процесот на нормализација. На тој начин Македонија одигра значајна улога и во нормализирањето на новинарската комуникација во регионот – рече Вујовиќ заблагодарувајќи се за организацијата на тогашната средба.
Тој се осврна и на обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оценувајќи дека таа ги отворила суштинските прашања за новинарството, слободата на печатот и проблемите со кои се соочуваат новинарите.
Вујовиќ посочи дека не е често политичари на високи функции да зборуваат за овие прашања поради што, како што рече, особено му е драго што форумот почнал со такви пораки.
Заменик-генералната секретарка на Централноевропската иницијатива, Ивана Пејовиќ, истакна дека темата на форумот е особено актуелна во контекст на европското проширување и потребата од подобро комуницирање на заедничките европски вредности пред граѓаните.
Таа нагласи дека Европа не е само географски простор или економски и политички проект, туку заедница изградена врз демократски принципи, заеднички вредности и културна разновидност, со заедничка визија за мир, стабилност и просперитет.
– Овие вредности никогаш не смееме да ги земаме здраво за готово. За нив мора постојано да се разговара, јасно да се разбираат и активно да се прифаќаат од граѓаните како во рамките на Европската Унија така и во земјите што претендираат да станат нејзини членки – порача Пејовиќ.
Таа нагласи дека медиумите имаат клучна улога во приближувањето на европскиот проект до граѓаните преку информирана дебата, дијалог и претставување на конкретните придобивки од европската соработка.
Пејовиќ посочи дека Западен Балкан е составен дел од иднината на Европа, а искуствата на земјите од Централна и Источна Европа, што веќе се приклучиле кон Европската Унија, може да понудат важни сознанија за можностите, но и за предизвиците на интегративниот процес.
– Размената на искуства може да придонесе за градење меѓусебна доверба, зајакнување на јавната поддршка за проширувањето и потврдување на заедничката европска визија – додаде таа.

Оцени дека регионалната медиумска соработка може значително да придонесе за овој процес преку размена на разни гледишта, спротивставување на дезинформациите и поттикнување балансирана дебата за европските прашања.
Во тој контекст, Пејовиќ ја посочи и потребата од одговорна употреба на вештачката интелигенција, со истовремено зачувување на интегритетот и веродостојноста на информациите. Како особено важни ги издвои заштитата на медиумскиот плурализам и унапредувањето на медиумската, дигиталната и писменоста за вештачка интелигенција како предуслови за информирано јавно мислење и отпорни демократски општества.
Таа посочи дека Централноевропската иницијатива придонесува во овие напори преку зајакнување на соработката меѓу земјите членки на ЕУ и оние што не се членки, размена на искуства и добри практики и поддршка на заеднички иницијативи.
Како конкретни примери за посветеноста на унапредувањето на новинарството ги посочи форумот и наградата CEI-SEEMO за исклучителни достигнувања во истражувачкото новинарство, со која се препознава придонесот на новинарството во промовирањето на транспарентноста, одговорноста и демократијата во регионот.
Директорката за односи со членките и комуникации во Европската радиодифузна унија (EBU) во Женева, Мишел Роверели, оцени дека јавните радиодифузни сервиси имаат суштинска улога во сè пополаризираните општества бидејќи ги обединуваат граѓаните за сигурни и веродостојни информации и обезбедуваат простор за информирана јавна дебата.
Таа нагласи дека Европа е посилна кога се слуша гласот на секој нејзин дел, а јавните медиумски сервиси имаат обврска да ги одразуваат заедниците на кои им служат и да придонесуваат за демократскиот живот.
Роверели ја претстави Европската радиодифузна унија како најголема светска алијанса на јавни медиуми, која обединува повеќе од 100 организации во 56 земји. Посочи дека нејзината дејност е многу поширока од организацијата на Изборот за песна на Евровизија и дека јавните медиуми имаат особено значајна улога во време на раст на популизмот, ширење на авторитарните тенденции и зголемени последици од погрешното информирање и дезинформациите.

Таа се повика и на истражувањето на Институтот „Ројтерс“, спроведено на 26 медиумски пазари, според кое позитивните ставови за влијанието на вестите на јавните медиумски сервиси врз општеството се помногубројни од негативните.
Овој резултат, според неа, претставува основа за понатамошна работа, но и обврска јавните медиуми појасно да го претставуваат својот придонес во општеството.
Роверели нагласи дека независноста и непристрасноста се клучни за стекнување и одржување на довербата на јавноста и дека тие мора да бидат заштитени со закон и доследно да се применуваат во практиката.
Таа оцени дека јавните медиумски сервиси треба самоуверено да ја истакнуваат својата улога и секојдневниот придонес во демократскиот живот, особено во услови кога се зголемуваат предизвиците поврзани со довербата во информациите.

Форумот се одржува со учество на претставници на медиумски организации, јавни радиодифузни сервиси, институции и експертската заедница, со цел да се поттикнат регионалниот дијалог и соработката за зајакнување на медиумската отпорност и безбедноста на информацискиот простор.
Во рамките на форумот се одржуваат неколку сесии посветени на медиумската состојба во земјата, иднината на јавните радиодифузни сервиси, комуницирањето на европската идеја во дигиталната ера и улогата на истражувачкото новинарство во заштитата на демократијата.
Предвидена е и сесија посветена на јавната комуникација и претставувањето на европската идеја во услови на дигитализација и развој на вештачката интелигенција, како и презентација на германската новинска служба „Дојче веле ГНС“ (Deutsche Welle GNS), заеднички сервис на „Дојче веле“ и германската новинска агенција ДПА.
Во рамките на форумот ќе биде доделена наградата CEI-SEEMO за извонредни достигнувања во истражувачкото новинарство, со која се препознава придонесот на новинарите во унапредувањето на транспарентноста, отчетноста и демократијата во регионот. Наградата ќе им биде врачена на добитниците за 2026 година, а програмата ќе вклучи и разговор со нив за улогата на истражувачкото новинарство во заштитата на европската демократија, значењето на независното известување и предизвиците во откривањето на злоупотребите и прашањата од јавен интерес.

