Со пораката дека никој не е безбеден во сообраќајот, секој треба да носи безбедносен појас, па дури и оние на задните седишта, почна регионалната кампања за безбедност на патиштата – „Момент за живот“. На денешниот настан во Скопје во организација на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница, надлежните ги истакнаа клучните работи со цел да имаме побезбеден сообраќај и да се елиминираат можности за жртви при несреќи на патиштата.
Директорот на Постојаниот секретаријат на транспортна заедница, Талис Линкаитс, пред присутните изјави дека многу е важно да се зборува на оваа тема.
– Секое седиште е важно и секој патник има потреба од заштита – рече Линкаитс, апелирајќи да се носи безбедносен појас и на задните седишта.
Тој посочи дека при сообраќајна несреќа, никој не е безбеден и мора да се носи безбедносен појас. Според него, пораката е едноставна – ставете го безбедносниот појас.
Заменик министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири рече дека темата е особено важна за неа, бидејќи денеска се навршуваат четири години од сообраќајната несреќа во која загинал нејзиниот сопруг. Таа рече дека како Министерство за транспорт, целта им е да создадат модерни, безбедни и достапни патишта за ризиците да се сведат на минимум и да се обезбедат еднакви услови за сите учесници во сообраќајот. Но, како што истакна Зеколи Шаќири, дури и најбезбедната инфраструктура и најнапредната технологија не се доволни без одговорното однесување на учесниците во сообраќајот.
– Почитувањето на дозволената брзина за возење, избегнувањето на нешта што ни го одземаат вниманието, носењето безбедносни појаси, како и почитувањето на правата на останатите учесници во сообраќајот, се едноставни дејствија што можат да спасат животи – потенцираше Зеколи Шаќири.
Таа нагласи дека секоја одлука што ќе ја донесеме на патиштата може да направи некаква разлика.
Заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, пред присутните истакна дека „Момент за живот“ е иницијатива што потсетува дека секој живот е вреден и секоја донесена одлука во сообраќајот може да направи разлика помеѓу трагедија и безбедно пристигнување дома.
– Безбедноста на патиштата не е само прашање на законски обврски и сообраќајни правила. Таа е прашање на култура, свест и лична одговорност. Секогаш кога ставаме безбедносен појас, кога правилно обезбедуваме дете во детско седиште или кога носиме заштитна кацига, правиме избор во корист на животот – додаде Исени.

Тој рече дека изминатиот период, државата направила значајни чекори кон создавање побезбеден сообраќаен систем.
– Усвојувањето на националната Стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата претставува важна основа за системски пристап во намалувањето на жртвите и тешките повреди и за усогласување со европските цели и принципите на „Vision Zero“. Истовремено, Министерството за внатрешни работи го реализираше еден од најзначајните проекти во последните години во областа на сообраќајната безбедност – системот „Безбеден град“. Со воведувањето на современи технологии за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци, се зајакнува доследното спроведување на прописите и се создава пофер и поефикасен систем на контрола. Системот веќе функционира и дава резултати низ државата – нагласи Исени.
Тој додаде дека резултатите покажуваат дека технологијата може да биде силен сојузник во спасувањето животи, што, нагласи, потврдува дека превенцијата и контролата даваат резултати.
– Сепак, ниту една камера, ниту една технологија, ниту еден закон не може сам да ја создаде безбедноста што ја посакуваме. Безбедноста започнува со секој од нас. Токму затоа оваа кампања е толку важна. Таа не зборува само за правила. Таа зборува за родители кои сакаат нивните деца безбедно да се вратат дома, за семејства кои не сакаат да добијат трагична вест и за општество кое не прифаќа загубени животи како неизбежна цена на мобилноста – потенцираше Исени.
Тој им се заблагодари на Транспортната заедница, Европската Унија, Министерството за транспорт, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и на сите партнери кои ја поддржале оваа иницијатива.
– Да ја искористиме оваа кампања како потсетник дека понекогаш е доволен само еден момент, една правилна одлука и едно одговорно однесување за да се спаси човечки живот – порача Исени.
Горан Темовски, службеник за безбедност на сообраќај на патиштата при Секретаријатот за транспортна заедница, ја нагласи потребата да се работи на свеста за носење безбедносен појас.
– Во однос на регионот и на Европската Унија, не сме на завидно ниво, кога станува збор за носење безбедносен појас во возило, особено на задните седишта. Според анализа од 2023, објавена во 2024 година, треба да се работи на свеста за носење безбедносен појас и на предни, но и на задни седишта, исто како и на тоа за обезбедување соодветни детски седишта и кациги при управување мотоцикли – рече Темовски.
На настанот беше кажано дека во 2025 година за првите 11 месеци имало 129 загинати лица во сообраќајни несреќи, а во 2026, досега, осумдесет и пет. Лани во ноември на територија на државата имало 12 загинати лица, а досега во ноември – само една жртва.

