– Општина Куманово започна со подготовка на нова стратегија за локален економски развој за периодот од 2027 до 2031 година. Целта е да се утврдат приоритетите и стратешките насоки за економски раст, привлекување инвестиции, развој на бизнис секторот и отворање нови работни места.
Во рамки на процесот денеска се одржа првата работилница, на која учествуваа претставници од општинската администрација, членовите на Советот, граѓанските здруженија и бизнис заедницата.
Ахмет Јашараовски од Секторот за локален економски развој при Општина Куманово информираше дека во новиот стратешки документ ќе бидат вклучени и дел од целите од претходната стратегија, но конечните приоритети ќе бидат утврдени во соработка со новоформираната работна група.

– Започнуваме со нова стратегија за локален економски развој за петгодишен период. Претежно ќе се базираме и на првичната стратегија, односно дел од стратешките цели што ги имавме ќе бидат вклучени и во новиот документ. Сега имаме претставници во работна група со кои ќе ги утврдиме насоките и стратешките цели во однос на економскиот развој на Општина Куманово – изјави Јашараовски.
Како области на кои ќе се посвети внимание, тој ги посочи вработувањето, туризмот и развојот на економските зони, како и подобрувањето на условите за работа на компаниите што функционираат во Куманово и околината.
Јашаровски рече дека претходните активности за развој на економската зона „ „Речица и Новине“ дале добри резултати.

Во рамки на новата стратегија ќе се разгледува и можноста за формирање нова економска зона, во зависност од потребите и предлозите на работната група.
На првата работилница беа презентирани методологијата за изработка на стратегијата, динамиката на процесот и анализите на актуелната состојба, кои ќе послужат како основа за дефинирање на идните развојни приоритети.
Од Општина Куманово посочуваат дека новата стратегија е значаен документ за идниот развој на општината, бидејќи преку неа ќе се дефинираат насоките за одржлив економски раст, привлекување домашни и странски инвестиции, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места.
Посебно внимание ќе биде посветено и на младите, нивниот професионален развој и создавањето подобри можности за вработување, со крајна цел подобрување на економските услови и животниот стандард на сите граѓани.

