Компаниите што прават стратегија на долги рокови и размислуваат долгорочно ќе успеат да се справат со предизвиците од кризата што настана поради конфликтот на Блискиот Исток – смета Боријан Борозанов, директор за производство за Европа во „Џонсон Мети“ и претставник на Британската бизнис-асоцијација, која денеска одбележа три години од основањето.
Борозанов во одговор на новинарско прашање рече дека досега нема отпуштања од „Џонсон Мети“ во државата и оти на среден и на долг рок ќе има зголемување на цените на сите производни импути. Засега не се разговара со Владата за каква било помош за компаниите.
– Од аспект на „Џоносон Мети“ – не, од аспект на Британската бизнис-асоцијација, другите асоцијации, коморите, итн., го поздравуваме тоа што Владата е отворена за дијалог за да се надминуваат предизвиците. Во овој момент не се разговара за каков било вид индивидуална помош, туку повеќе за суштински мерки, што ќе ѝ помогнат на целата земја не само на компаниите – изјави Борозанов прашан дали од Владата ќе се побараат мерки за помош.

Секоја компанија, вели тој, ги гради своите стратегии и начини на работа индивидуално, се разбира дека има компании што ќе бидат опфатени со кризата. Стратегијата на „Џонсон Мети“ е да работиме на подолгорочни основи, во нашата повеќе од 200-годишна историја сме виделе многу кризи, сме научиле по нешто малку од секоја и сме останале успешни и во наредниот период. Верувам дека и сега ќе биде така – посочи Борозанов.
Според него, во овој момент неблагодарно е да се каже каква било прогноза за намалување на нарачките. Внимателно ја следиме ситуацијата, цел свет е во некакво очекување, ситуацијата е доста флуидна и информациите се менуваат од ден на ден. Компаниите што прават стратегија на долги рокови и размислуваат долготрочно ќе успеат да излезат и да се справат со овие предизвици како и досега – посочи Борозанов.
Прашан дали стравуваат од зголемени трошоци, особено во делот на набавката на гас, одговори дека на среден и на долг рок се очекува зголемување на сите производствени импути.
– На краток рок сè уште е неизвесно каков импакт ќе имаат сите овие работи, на среден и веројатно долг рок очекуваме дека цените на сите производствени импути, не само на енергијата, ќе се зголемат, но тоа е нешто што веќе е предвидено во нашите планови. Она што можам да кажам е дека Македонија е стратешка локација за „Џонсон Мети“ исто колку што „Џонсон Мети“ е и стратешка компанија за Македонија и тука нема да има никаков проблем – изјави Борозанов.
Тој вели дека има разни сценарија во зависност од износот на зголемувањето на трошоците, но не кажа конкретни бројки. Но, потенцира, во секој случај ги приспособуваме плановите и начинот на производство да можеме да одговориме и на најлошото сценарио.
Од кризата околу Иран во овој момент прекините на синџирите на доставување се концентирани на Азија и индиректни се последиците за европскиот регион. Во овој момент, како што рече, нема нешто што на краток рок може да ескалира и ја следиме ситуацијата.
Борозанов изјави дека „Џонсон Мети“ досега нема отпуштања поради кризата. Кај плановите за нови вработувања, укажува, сè е индивидуално. Како што истакна, секоја компанија, која долгорочно инвестира во развој на таленти, знаења и вештини, дури и во ваква неизвесна ситуација, секако ќе има нови вработувања во областите што се од стратешка природа. „Џонсон Мети“ исто планира и во наредниот период, како и во изминатите години, кога покрај предизвиците што ги има од производна страна, креиравме нови работни места во специјализирани области – посочи Борозанов.
