Општина Валандово планира да го искористи искуството од проектот кој ќе се реализира во дел од струмичките општини за детекција на пожари на диви депонии и во шумски појаси преку поставување термална камера. Станува збор за проект кој ќе се реализира во неколку струмички општини преку Центарот за развој на југоисточниот плански регион. Првиот човек на Општината, Ѓоко Камчев, на денешната седница на општинскиот Совет, информираше дека и Валандово ќе се насочи кон реализација на ваков проект, по примерот на Струмица.
– И ние како Општина ќе имаме потреба да поставиме една таква термална камера во населеното место Казандол со чија помош ќе можеме навремено да ги детектираме пожарите. Таа камера ќе работи 24/7, а ќе биде поддржана со минимално напојување на електрична енергија и интернет конекција, најави Камчев.
Во улога на поранешен директор на Центарот за развој на југоисточниот плански регион, Камчев пред советниците го образложи проектот кој е во тек, а претставува пилот проект за струмичкиот дел од регионот, со кој е предвидено да се постави термална камера на зградата на општина Босилово.

– Термалната камера е со идеална видливост до 65 км и со неа ќе може да се заштити околината од горење на дивите депонии и да се превенираат шумските пожари. Ќе постојат два мониторинг центри – едниот во Центарот за управување со кризи во Струмица, другиот во Територијалната противпожарна единица во истата општина. Моделот е тој, веќе го имаме правецот и ќе работиме да го поставиме истиот и на територија на Општина Валандово, со што ќе направиме дополнителни услови за безбедност на граѓаните, објасни валандовскиот градоначалник.

Во рамки на еден од проектите во кои е вклучен Центарот за Југоисточниот регион, насловен како „Heart Safe CBA“, Валандово ќе добие и ново амбулантно возило за Итната помош.
– Проектот на Центарот, во кој е вклучена Општина Валандово, и за кој веќе е распишана јавна набавка за амбулантни возила и медицинска опрема, за Итната помош предвидува ново целосно опремено амбулантно возило, друга медицинска опрема и технологии кои ни се потребни. Општината ќе добие и автоматски дефибрилатор, кој како опрема ќе го имаат сите 10 згради на општинските институции, соопшти Камчев.
Во соработка со Центарот, но во рамки на друг проект, Општината очекува и поставување на брз полнач за електрични возила, кој треба да биде лоциран пред спортската сала “Филип Втори Македонски” во Валандово. Градоначалникот објасни дека се работи за вкупно 20 брзи полначи кои е предвидено да се постават на секој 25-ти километар во регионот, а таквата инфраструктура, пред се е наменета за туристите, за да им се овозможи со електрични возила да минуваат низ југоисточниот дел на државата.
