Реклама
Македонија

МОК и Општина Кичево со стратешко партнерство: Фокус на спортската инфраструктура и младите таленти

Работна средба меѓу претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, членот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Работна средба меѓу претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, членот на УО на МОК, Сашо Димитриоски, и градоначалникот на Општина Кичево, д-р Александар Јовановски, се одржа вчера во Кичево. Фокусот на средбата беше ставен на конкретните планови за унапредување на локалната спортска инфраструктура и системска поддршка на младите спортисти преку ресурсите на МОК, се наведува во соопштението од МОК.

Еден од клучните столбови на оваа соработка е имплементацијата на Олимписките програми за идентификација и селекција на млади таленти. Со директна помош од МОК, Општина Кичево ќе воспостави методологија за рано препознавање на спортскиот потенцијал кај младите, овозможувајќи им пристап до врвна стручна работа и стипендирање. Целта е Кичево да стане расадник на нови олимпијци кои достоинствено ќе ја претставуваат државата на меѓународната Олимписка сцена.

Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на спортската инфраструктура, препознавајќи го огромниот потенцијал на спортскиот комплекс „Крушино“. Претседателот Димевски потенцираше дека Кичево, со својата богата традиција, заслужува да биде дел од капиталните олимписки проекти кои ќе ги трансформираат постоечките капацитети во современи центри за подготовка на спортисти.

Реклама

Свесни дека зад секој врвен резултат стои силна логистика, договорено е организирање на специјализирана Обука за спортска администрација под покровителство на МОК. Со оваа професионализација на човечките и материјалните ресурси, Кичево ќе добие кадар способен за врвни достигнувања.

Градоначалникот Јовановски изрази голема благодарност до претседателот Димевски за отворената поддршка, нагласувајќи дека оваа соработка е од историско значење за кичевскиот спорт. Од своја страна, претседателот Димевски потврди дека МОК останува силно посветен на развојот на олимпизмот на локално ниво и градењето здрава иднина за младите генерации.