Слабости во информатичкиот систем, недостиг на кадар, пропуштени тестирања и периоди без договорена ИТ-поддршка се слабостите што ги утврдил Државниот завод за ревизија за периодот од 2023 до 2025 година. Дополнително, во тој период биле пополнети само 42 систематизирани работни места во информатичкиот сектор, или 16,67 отсто.
Во јули 2023 година основна онлајн-обука за сајбер-безбедност завршиле 556 од вкупно 830 вработени, но немало дополнителни обуки ниту симулации со лажни фишинг-пораки. ДЗР посочува и дека Фондот има систем за заштита и создавање резервни копии, но немал ажурирана и одобрена политика за обновување на податоците, ниту бил тестиран процесот на нивно враќање.
По ова соопштение, Фондот за здравство го известил Државниот завод за ревизија дека веќе има изготвено акциски план за спроведување на препораките. Планот предвидува и ажурирање на безбедносните политики, изработка на ИТ-стратегија, процена на ризиците, модернизација на инфраструктурата и континуирана едукација на вработените. Роковите за планираните активности се до 31 декември 2027 година.

