Новото раководство на Лекарската комора, предводено од претседателот, проф. д-р Никола Јанкуловски, денеска се сретна со министерот за здравство Сашо Клековски во просториите на Комората.
На средбата присуствуваа и д-р Билјана Ѓеоргиевска, претседател на Собранието на Комората, д-р Идриз Орана, заменик-претседател, и потпретседателите – д-р Биљана Петковска-Огњанова за примарно здравство, д-р Ленче Нелоска за секундарно здравство и д-р Ристо Тодоров за терцијарно здравство.
На средбата беа презентирани визијата и клучните програмски приоритети на Комората за претстојниот мандат на новото раководство, насочени кон унапредување на статусот и условите за работа на лекарите, модернизација на институцијата и подигнување на квалитетот на здравствената заштита, соопшти Лекарската комора.

„Денешната средба со министерот за здравство, д-р Сашо Клековски, претставува важен чекор кон градење силно, суштинско и конструктивно партнерство. Нашата цел е јасна, Лекарската комора да биде неизбежен, авторитетен и обединет глас на сите лекари, како и рамноправен партнер на институциите во креирањето на здравствените политики. На министерот му ги презентиравме нашите клучни приоритети за претстојниот период. Посебен фокус ставивме и на специјализациите и на потребата од нивно адаптирање во согласност со националните потреби. Верувам дека преку отворен дијалог, меѓусебна почит и стручност заеднички ќе изградиме поквалитетен и поефикасен здравствен систем во интерес и на лекарите и на пациентите“, изјави проф. д-р Јанкуловски.
Министерот Клековски го поздрави изборот на новото раководство и ја истакна важноста на Комората како клучен партнер на Министерството за здравство во спроведувањето на реформите и подигнувањето на квалитетот на здравствената заштита за граѓаните. Соговорниците исто така разменија ставови и мислења за најголемите предизици со кои се соочуваат лекарите и пациентите на примарно, секундарно и на терцијарно ниво, се мапираат можни решенија и се дефинираа понатамошни чекори на дејствување.

Двете страни изразија заемна подготвеност за постојан, отворен и конструктивен дијалог и се согласија дека е неопходно директно вклучување на Комората во изработката на законските и подзаконските акти, како и во спроведувањето на реформите засновани врз стручност и европски стандарди, стои во соопштението од Лекарската комора.

