Македонија направи сè што Европската унија побара од неа за да напредува кон членството, а блокадата од Бугарија создава лош преседан за целиот регион, оценува поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.
Во изјава за МРТ, Палмер нагласува дека билатералните спорови не треба да го попречуваат пристапниот процес и очекува поактивна улога од Брисел и од клучните земји членки на ЕУ.
– Она што можам да го кажам е дека Македонија направи сè што Европската унија побара од неа за да напредува кон членството. Сметам дека е крајно жално што Бугарија е во позиција да го блокира тој процес за Скопје. Тоа создава лош преседан за регионот, вели Палмер.
Според него, последиците од блокадата се чувствуваат и кај другите земји кандидати, кои го следат македонското искуство и се прашуваат со какви дополнителни услови би можеле да се соочат на патот кон ЕУ.
– Белград го следи искуството на Скопје и се прашува што би можеле да побараат Загреб или Букурешт во пристапниот процес. Тоа ги обесхрабрува земјите кандидати да ги спроведат неопходните реформи, предупреди Палмер.
Тој изрази надеж дека Бугарија ќе покаже воздржаност, а Европската унија ќе инсистира билатералните прашања да не го оптоваруваат процесот на проширување.
Осврнувајќи се на можната американска помош за надминување на спорот, Палмер потсети дека лично бил вклучен во претходните обиди за отстранување на блокадата, кога бугарските барања почнале да го попречуваат европскиот пат на Скопје.
– Направивме сè што можевме за да ја отстраниме блокадата. Тоа не е едноставен процес, но верувам дека Софија на крајот ќе сфати дека во интерес на Бугарија е Македонија да биде нејзин европски партнер, рече Палмер.
Тој очекува САД да продолжат да ги поддржуваат двете страни, но нагласи дека е потребен и поголем ангажман од европските институции и престолнини.
Според Палмер, земјите кандидати треба да се оценуваат врз основа на спроведените реформи, наместо според историски и идентитетски прашања. Сепак, посочи дека Европската унија во практика тешко може да наметне таков пристап без активна поддршка од влијателните земји членки.
– Затоа клучните земји членки мора да помогнат процесот да биде праведен, транспарентен и во интерес на сите засегнати страни. Тука мислам на Франција, Германија и Италија, кои треба да преземаат проактивна улога и да го заштитат интегритетот на процесот, порача Палмер.
Тој смета дека постојат повеќе можни пристапи и простор за „креативна дипломатија“. Таков ангажман, според него, се очекува од двете земји, Брисел, клучните европски престолнини и Вашингтон.

