Државниот секретар на САД, Марко Рубио, соопшти дека е постигнат напредок во разговорите за „безбедносната архитектура“ за Украина и Европа по завршувањето на војната.
Разговорите што треба да се одржат оваа недела би можеле да донесат дополнителен напредок, изјави Рубио, без да навлегува во детали. Тој истакна дека безбедносните гаранции се постојана тема во дискусиите за завршување на конфликтот.
Рубио зборуваше пред новинарите пред заминувањето за Париз, каде денеска и утре ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Групата седум (Г7).
Преговорите меѓу Русија и Украина со американско посредништво се закажани за вторник и среда во Абу Даби. Се очекува САД да ги претставуваат специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
„Верувам дека сме многу блиску до постигнување договор“ за завршување на руско-украинската војна, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за емисијата „60 минути“ на телевизијата Си-Би-Ес.
Тој додаде дека како резултат на евентуалниот договор, картата на Украина „ќе биде малку поинаква“, но не соопшти повеќе детали.
Трамп во интервјуто изрази уверување дека Рубио ќе остане на функцијата државен секретар и покрај поразот на Републиканската партија на минатонеделните конгресни избори.

