104 нови веб коцкарници на удар. Владата ја засилува заштитата против нелегалното онлајн коцкање. Откако влезе во сила законот во јули годинава, заклучно со последната акција блокирани се вкупно 462 онлајн сајтови за приредување на игри на среќа. Зад виртуелните ветувања за брза заработка, надлежните предупредуваат на опасности како парични загуби и злоупотреба на лични податоци.
„Согласно доставениот налог, АЕК е должна во рок од пет дена од неговото добивање да го проследи до операторите на електронски комуникациски мрежи. Операторите треба веднаш да постапат по налогот и да го ограничат пристапот до наведените веб – страници, со прикажување на соодветно известивање за причината за блокирањето.“ – велат од Министерството за дигитална трансформација.
Целта е побезбеден интернет простор за граѓаните, а особено младите и малолетниците да не бидат изложени на вакви лажни измами и да не паѓаат во замките на виртуелните игри на среќа.
„Апелираме граѓаните да бидат внимателни и да не споделуваат лични и финансиски податоци на непроверени веб-страници. Воедно, ги повикуваме родителите и старателите да посветат дополнително внимание на онлајн активностите на децата и да разговараат со нив за ризиците во интернет просторот.“ – велат од Министерството за дигитална трансформација.
Претходно Упрвата за јавни приходи обелодени дека за половина година биле искоцкани 1,6 милијарди евра. Најголем дел од парите завршиле во електронски апарати за игри на среќа, но значителни суми и понатаму се вртат во казината и обложувалниците. Од јули годинава во сила е нов закон за игри на среќа што поставува нови правила. Но проблемот е што за тие да се спроведат има временска рамка до крајот на годинава. Па оттука и не чуди што вклучените во овој бизнис се уште купуваат време и не прават ништо за исполнување на обврските. Тие повеќе нема да смеат да се рекламираат, да поставуваат билборди и светлечки реклами, ниту пак да работат во објекти кои се во близина до училишта. Приредувачите на игри на среќа сметаат дека дислоцирањето на објектите само по себе нема да го реши проблемот додека експертите велат дека ова е клучна промена што мора да се спроведе.

