Студентската листа во Србија побара итни оставки од директорите на полицијата и Безбедносно-информативната агенција (БИА), од претседателот на Уставниот суд и од други високи функционери, најавувајќи формирање специјален суд што ќе ја испитува одговорноста на луѓето на највисоките државни функции.
Во меѓувреме, раководството на РТС почна да се менува и јавниот сервис им се извини на гледачите, додека српското обвинителство издаде итна наредба за спречување на евентуално уништување државна документација.
Барањата за оставки на високи функционери доаѓаат само неколку дена по изборната победа на „Студентите победуваат“. Листата освои повеќе од 52 отсто од гласовите.
На прес-конференција во белградскиот Пионерски парк, студентите порачаа дека нема да го чекаат формалното преземање на власта за да побараат промени во институциите.
Оставки побараа од директорот на полицијата Драган Васиљевиќ, директорот на БИА Владимир Орлиќ, претседателот на Уставниот суд Владан Петров, генералниот директор на „Телеком Србија“ Владимир Лучиќ и заменик-генералниот директор на РТС Дејан Јовановиќ.
На списокот се и главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, и неговиот заменик Миодраг Марковиќ, кои студентите ги обвинуваат за пристрасност и селективно постапување.

