„Лајонс клуб Тиквеш“ – Кавадарци попладнево донираше летниковец за Клубот за спорт и рекреација на инвалиди. За да има каде да се игра шах и табла. Да се спортува и да се рекреираат, да имаат место за дружба.
Свеченото отворање на летниковецот, близу Винскиот музеј во Кавадарци, е во градскиот парк, што важи за еден од најубавите во државата.
– Не отвораме само летниковец. Создаваме спомени, споделуваме радост и покажуваме дека инклузивноста значи сите заедно да учествуваме, да твориме и да бидеме дел од една иста приказна. Од срце посакувам ова катче да биде исполнето со толку многу радост, така што, кога ќе поминеме тука, да застанеме, да ги слушнеме вашите смеа и разговори и да си кажеме – вреди. Секој труд, кога зад него стои човечка среќа – рече Катица Јованова, претседателка на клубот.
Затоа што, како што истакна, некои подароци се создаваат со љубов, се подаруваат од срце и живеат преку радоста на другите.
– За нас сте луѓе од кои можеме многу да научиме: за силата на духот, за истрајноста, за пријателството, за храброста да се најде радост и тогаш, кога животот не е секогаш едноставен. Најубавите нешта што ги оставаме зад себе не се оние што ги поседуваме, туку оние што сме ги направиле за другите. И никогаш да не заборавиме дека кога подаруваме од срце, не го правиме само светот на другите поубав, туку и сопствениот. Сето ова е со една единствена цел – значи инклузивноста да постои меѓу луѓето, да бидеме сите еднакви и да се дружиме кога и да може – нагласи Јованова.
Таа додаде дека со посветеност ја продолжуваат својата мисија за создавање похумана, поинклузивна и посолидарна заедница.
Во присуство на голем број гости, се одржаа и пријателски игри во шах и табла.
– Заедно одбележуваме уште еден чекор кон похумано и подостапно општество и создаваме можност за поголема социјална вклученост, пријателства и меѓусебна подршка – рече Јованова.

