Во Собранието се одржа средба со полскиот амбасадор Мариуш Бримора и универзитетскиот професор Марачин Пјонтковски, на која присуствуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Бојан Стојаноски и членката на Комисијата, Силвана Ангелевска; претседателката на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Полска, Даниела Николова и членката на Групата, Драгана Бојковска.
На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, се разговарало за економските реформи, процесот на европска интеграција, предизвиците на економскиот развој и можностите за унапредување на билатералната соработка со Полска.

Посебно внимание било посветено на искуствата на Полска во процесот на економска трансформација и европска интеграција, како и на значењето на институционалните реформи, владеењето на правото и создавањето поволна деловна клима за привлекување инвестиции.
Во дискусијата, како што е наведено во соопштението, биле опфатени и прашањата поврзани со енергетиката, туризмот, земјоделството, образованието и развојот на човечкиот капитал, со акцент на потребата од долгорочни и одржливи економски политики.
На средбата била истакната важноста од искористување на позитивните искуства на Полска, особено во поглед на користењето на европските фондови, спроведувањето на реформите и зајакнувањето на конкурентноста на економијата.
Соговорниците ја нагласиле важноста од продолжување на соработката, размената на искуства и добри практики, како и од натамошно продлабочување на пријателските односи меѓу двете земји.

