Институтот за интелектуална сопственост денеска организираше меѓународна научна конференција на тема „Интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во македонското општество“, во рамки на проектот „Фактори на управувањето со интелектуалната сопственост и дигиталната трансформација во Македонија“.
Се работи за едногодишен проект, финансиран од Министерството за образование и наука, кој обединува три институции: Институтот за интелектуална сопственост – Скопје, Правниот факултет при УКИМ и Институтот за општествени науки „Иво Пилар“ од Хрватска.
На конференцијата, на која беа претставени резултати произлезени од методолошки истражувања, директорката на Институтот Надица Николовска посочи дека во рамките на проектот во изминатата година биле реализирани повеќе научни, истражувачки, аналитички и дисеминациски активности, кои овозможиле утврдување на релевантни наоди и формулирање на конкретни препораки.
Соопшти дека е изработена компаративна анализа на законодавството за дигитална трансформација и интелектуална сопственост во пет земји, анализирана е националната законодавна и регулативна рамка за дигитална трансформација во Македонија, подготвена е мапа на правни ризици како составен дел на документот за јавна политика, изработена е квалитативна социолошка анализа на стратешките документи и меѓународни извештаи поврзани со дигитализацијата и реформите во јавната администрација.
Во врска со наодите од спроведениот научноистражувачки проект, Николовска истакна дека основањето на Министерството за дигитална трансформација означува пресвртница во процесот на дигитализација во земјата затоа што овозможува „рапиден чекор во развојот и имплементацијата на дигиталните политики“.
– Воспоставувањето централизирана институционална координација придонесе за забрзување и унапредување на електронските услуги. Истовремено, истражувањето покажува на ограничувања во институционалните капацитети, кои го забавуваат целосното спроведување на дигиталните реформи. Се идентификува парадоксална состојба во која темпото на реформите ги надминува кадровските, техничките и организациските можности на институциите за нивна целосна имплементација. Утврдена е и фрагментација на законодавната и регулаторната рамка како јаз меѓу нормативното уредување и практичната примена. Се забележува недоволна интеграција на аспектите на вештачката интелигенција, како и потребата од посилна поддршка на иновациите, поефикасна заштита на интелектуалната сопственост во дигиталната средина, истакна Николоска.

Идентификуваните наоди послужиле како основа за формулирање предлог-мерки насочени кон надминување на системските слабости и воспоставување поинтегриран, поефикасен и одржлив модел на дигитална трансформација.
Овој е меѓу 50-ината научноистражувачки проекти од јавен интерес, кои ги реализираат јавните научни и високообразовни установи, Македонската академија на науките и уметностите и бизнис заедницата, кои Владата минатата година ги финансираше со вкупно шест милиони евра.
Во обраќањето на конференцијата, министерката за образование и наука Весна Јаневска нагласи дека Владата и МОН ја раздвижуваат науката и резултатите од овие проекти веќе стануваат видливи.
– Во фокусот на овој проект е влијанието на дигиталната трансформација врз правната рамка за заштита на интелектуалната сопственост. Ова е важно да биде предмет на истражување, затоа што брзиот технолошки развој и забрзаната дигитализација отвораат нови можности, но истовремено поставуваат и сериозни предизвици пред постојните правни и регулаторни рамки. Заштитата на авторските права, трговските марки, патентите, трговските тајни и личните податоци добива нова димензија и неопходно е овие процеси да се анализираат системски, научно и во согласност со современите европски и светски тенденции, рече Јаневска.
Министерката нагласи дека истражувањето веќе ја зацврстило релацијата помеѓу науката и носителите на одлуки, со правната професија и со институциите што имаат важна улога во заштитата на интелектуалната сопственост.
– Од позиција на министер за образование и наука, горда сум не само на овој, туку и на сите други проекти кои ги поддржавме како Влада во изминатата година. Важни се затоа што ја потврдуваат улогата на науката како двигател на развојот и како значаен партнер во креирањето јавни политики засновани на научни сознанија и докази, додаде Јаневска.
Потенцираше дека целта на Владата е научноистражувачката работа да создава резултати што ќе имаат реална вредност за институциите, за економијата и за граѓаните.

Поддршка за реализација имаше и од Министерството за дигитална трансформација. Министерот Стефан Андоновски ја поздрави работата на Институтот за интелектуална сопственост, кој беше формиран во 2024 година.
Како што рече, станува збор за млад институт којшто за кратко време покажа многу сериозни научни резултати.
– Задоволство ми е да се вклучиме и да поддржиме еден проект кој значи научно истражување на области кои се мултидимензионални, опфаќаат различни сектори. Како министерство секогаш поддржуваме научен пристап во смисла на создавање правила, процеси, процедури, да видиме каде е одговорноста, кој ги носи одлуките и како да ги заштитиме – и авторското право и патентите, во време на дигитализација и на вештачка интелигенција. Сакам да му честитам на Министерството за образование и наука што препознава проекти коишто значат наука, го зголемува буџетот за науката и вложува навистина во вистинска наука која носи апликативни резултати за развој на македонското општество, изјави Андоновски.

