Министерството за надворешни работи на Јапонија во септември ги објави добитниците на Пофалницата на Mинистерот за надворешни работи за 2026 година, а меѓу наградените е и д-р Ташко Ризов од Македонија, поранешен претседател на Асоцијацијата на ЏАЈКА алумни во Северна Македонија. Ова признание му беше доделено во Скопје на 28 октовмри од страна на Амбасадорката на Јапонија, Н.Е. Сецуко Кавахара.
Ова високо признание му се доделува за неговиот долгогодишен придонес во унапредувањето на пријателските односи меѓу Јапонија и Македонија, како и за неговата посветеност во промовирањето на меѓународната соработка, академската размена и активностите на Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЏАЈКА).
При доделувањето на оваа признание Амбасадорката Кавахара изјави: “Професорот Ризов со својот долгогодишен ангажман претставува прекрасен пример за тоа како искуството на еден поединец со Јапонија може да прерасне во долгогодишна соработка, пријателство и значајни врски меѓу луѓето и институциите. Неговото патување со Јапонија започна пред 17 години преку програмата за обука на ЏАЈКА. Тоа искуство стана почетна точка на однос со Јапонија кој продолжи да се развива и да се продлабочува низ годините.”
Д-р Ризов беше учесник во програмата за обука на ЏАЈКА „Промоција на почисто производство во Југоисточна Европа“ во 2009 година. Како претседател на Асоцијацијата на ЏАЈКА алумни во Северна Македонија во периодот од 2018 до февруари 2026 година, тој активно работеше на зајакнување на мрежата на поранешни учесници во програмите за обука, поттикнувајќи соработка, размена на искуства и развој на нови иницијативи.
При примањето на наградата д-р Ризов потсетувајќи се на првата програма на која што учествувал изјави: “На 26-годишна возраст, штотуку вработен како помлад наставен соработник на Факултетот, бев номиниран од Националниот центар за почисто производство да присуствувам на 40-дневна обука во Китакјушу, на островот Кјушу. Тоа прво искуство ми овозможи не само да се запознаам со најсовремените еколошки и индустриски практики, туку и со извонредната филозофија на посветеност, прецизност и меѓусебна соработка што го карактеризира јапонското општество.”
Со ова признание, Министерството за надворешни работи на Јапонија уште еднаш ја потврдува важноста на поединците кои преку својата професионална и општествена ангажираност придонесуваат за продлабочување на меѓународните партнерства и меѓусебното разбирање меѓу народите.

