Отстранувањето на санкциските и другите ограничувања што ја отежнуваат земјоделската трговија меѓу Македонија и Руската Федерација беше централна тема на денешната средба на парламентарната делегација на Левицата со претставници на Комунистичката партија на РФ во Државната дума во Москва. Приоритет на официјалните разговори беше обновувањето на пристапот до огромниот руски пазар за македонското овошје, зеленчук и вино, како и олеснувањето на снабдувањето со минерални ѓубрива и други земјоделски репроматеријали, стои во соопштението на Левицата.
На средбата учествуваа пратениците Дмитриј Георгиевич Новиков и Казбек Куцукович Тајсаев од КПРФ, а делегацијата на Левицата ја сочинуваа членовите на Президиумот: проф. д-р Димитар Апасиев, м-р Реџеп Исмаил-Хактан и м-р Александар Симонов.
Двете високи делегации договорија да поведат иницијативи преку своите пратенички групи и надлежните парламентарни комисии со цел да се почне институционален процес за отстранување на пречките во билатералната земјоделска трговија. Од руската страна беше изразена подготвеност за соработка и за преземање конкретни чекори во рамките на надлежните државни органи.
Македонските земјоделци ја плаќаат цената на изгубениот пласман, скапите репроматеријали и неизвесниот откуп на реколтите. Последиците од нарушената трговија со Русија се надоврзаа на долгогодишните слабости на домашната владина земјоделска политика, несигурната поддршка и силната зависност на производителите од прекупците и откупувачите.
Особено погодени се овоштарите за кои рускиот пазар претставуваше значаен купувач. Ограничувањето на пласманот на јаболката и другото свежо овошје ги принуди производителите да бараат заменски пазари, да прифаќаат понеповолни услови или дел од родот да го насочуваат кон индустриска преработка. За градинарите, краткиот рок за продажба на сезонскиот свеж зеленчук дополнително го зголемува ризикот од пропаѓање на непродадениот род и ниските откупни цени.
Отворањето дополнителни можности за извоз на македонското вино е значајно и за винариите и за лозарите, чија егзистенција зависи од сигурниот откуп на грозјето. Истовремено, олеснетото снабдување со минерални ѓубрива може да придонесе за поголем избор при набавката и намалување на притисокот врз производствените трошоци.
Нашата аграрна иницијатива предвидува разгледување на конкретните санкциски, административни, платежни, транспортни и фитосанитарни пречки, за надлежните институции од двете држави да пристапат кон нивно решавање. Целта е македонските земјоделци да добијат поширок пристап до пазарите и поповолни услови за производство и продажба.
Очекуваме Владата и надлежните институции да ја поддржат оваа иницијатива која е во национален интерес и да се вклучат во нејзината реализација. Обезбедувањето сигурен пласман за домашните производи и услови за одржливо земјоделско производство е прашање на економски интерес и егзистенција на илјадници наши семејства. За тоа се потребни институционална зрелост, државничка одговорност и политичка волја за конкретни постапки во корист на народот.

