Насилни инциденти го одбележаа протестот во францускиот град Марсеј, каде што демонстранти упаднаа во градското собрание, беа ограбени продавници, а на улиците беа запалени барикади. Демонстрациите се дел од пошироките протести во Франција поради растот на трошоците за живот.
Според француските медиуми и агенцијата АФП, група демонстранти ја пробила влезната врата на градското собрание и предизвикала материјална штета во објектот. Била соборена и биста на Маријана, симбол на Француската Република.
Немири имало и на улицата Канебиер, каде што биле искршени излози и ограбени продавници. Демонстрантите се судриле со полицијата, која употребила солзавец, а во градот биле распоредени и оклопни возила. Нападнати биле и простории на општинската полиција, каде што биле искршени стакла и фрлени димни средства. Според полициските власти, бил спречен и обид за подметнување пожар.
Протестите се одржуваат во повеќе француски градови, а на нив учествуваат студенти, синдикалци и поддржувачи на движењето „Жолти елеци“.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на смиреност и порача дека правото на протест мора да оди заедно со почитувањето на луѓето и јавниот и приватниот имот.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија тврдења за пожар во близина на катедралата во Марсеј, но засега нема независна потврда за тој инцидент.

