Јавниот обвинител на Македонија Ненад Савески заедно со јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапуваат во предмети за трговија со луѓе денеска оствариле билатерални средби со претставници на обвинителствата од Бразил, Колумбија и Венецуела.
Како што соопшти Јавното обвинителство, на средбите присуствувале обвинители кои во своите земји работат на предмети поврзани со трговија со луѓе и други облици на организиран криминал.
Средбите се одржале на маргините на дводневната Регионална експертска средба за зајакнување на прекуграничната соработка и заштита на странските жртви на трговија со луѓе во Западен Балкан, што се одржува во Скопје под покровителство на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (УНОДЦ).
На состаноците биле разменети искуства и информации за конкретни истраги и постапки во случаи на сомнение за трговија со луѓе во кои осомничени или жртви потекнуваат од јужноамериканските држави.
Од Обвинителството информираат дека е договорена и натамошна директна соработка, како и испитување на можностите за потпишување меморандуми со кои дополнително ќе се развијат каналите за размена на информации со јавните обвинителства во овие земји со цел ефикасен прогон на меѓународниот криминал.

