До крајот на 2026 и во текот на 2027 Македонија ќе има доволно гориво и стабилни цени. Премиерот Христијан Мицкоски, според информации од трговците, потврди дека и покрај глобалната енергетска криза, Македонија има доволно залихи на дизел и бензин за да го преброди овој тежок период. Тој нагласи дека нема потреба да се стравува, иако како што кажа ниту една земја во светот не би можела да издржи повеќе од три месеци без доставување на гориво:
„Во светот ова претставува епски предизвик, нешто за коешто јас зборувам месеци наназад. Ние како држава остануваме на политиката на најниски цени за горивата, тука пред се мислам на дизел горивото и безоловниот 95 и 98 октански. Сега веќе сме речиси од сите соседи за половина евро по литар поевтини, тоа носи свои предизвици, носи свои стравувања се разбира, но истовремено цениме дека стандардот на граѓаните за нас е императив и наша цел е да го заштитиме онолку колку што можеме тоа и го правиме и во таа насока ќе продолжиме да се однесуваме“ , изјави Христијан Мицкоски, претседател на Владата
За дополнителна стабилност на домашниот пазар, во игра е и решение за рестартирање на рафинеријата Окта. За ова премиерот веќе разговарал со оваа компанија. Ова според него би отворило нови можности имајќи предвид дека рафинеријата одамна претставува неискористен економски потенцијал за државата.
„Дадовме задача да се преразгледа можноста да се рестартира производниот процес на рафинеријата Окта имајќи предвид дека продуктоводот е сега во функција, односно рафинеријата е физички поврзана со солунското пристаниште. Така што може да се носи во иднина сурова нафта и во рафинеријата да се преработува и да се користи за дизел гориво. За жал рафинеријата од 2012 не е пуштена во погон, таа е затворена, се прави во моментот дефектажа“
Во изминатиов периодот Владата презеде повеќе мерки за намалување на товарот од светската криза врз џебот на граѓаните и стопанството. ДДВ-то за дизелот беше намалено од 18% на 10%, а Владата се откажа и од дел од акцизата за горивата. Неделава регулаторната комисија одлучи да не ги менува малопродажните цени на бензините и дизелот. Добра вест е што и на светските берзи во моментот цената на нафтата бележи благ пад. Македонија е единствената земја во поширокиот регион на Европа која и натаму останува со најниски цени на горивата.

