Простак, измамници, крадци на бугарска историја. Жесток говор на омраза и напади врз премиерот Мицкоски, власта и граѓаните откако Македонија побара да се испорача бегалката од правдата Ива Михаилова. Потерницата по неа стана ново гориво за остра националистичка реторика и собирање евтини политички поени во Бугарија во предизборен период, врз грбот на Македонија. Овој случај го запали десничарскиот фитил и прерасна во директна медиумска агресија врз Македонија.
Красимир Каракачанов ги нарече македонските власти измамници, а неговата партијата ВМРО-БНД, побара целосно замрзнување на сите разговори за европската интеграција на Македонија.
Со Скопје не треба да се прават договори. Кога од другата страна немаш играч, туку измамник, какви што се властите во Скопје, не треба да склучуваш договори. Секогаш ќе бидеш излажан. Тоа е нивната практика. Ништо од она што го зборува Скопје не ме интересира, бидејќи е очигледно дека откако Мицкоски е на власт, овие луѓе не сакаат да ги решаваат проблемите меѓу двете држави. Тие апсолутно сè саботираат. Договорот е потпишан во 2017 година и не се спроведува. Заедничката историска комисија, која до одреден степен работеше до 2022 година, престана со работа“, вели Красимир Каракачанов, претседател на ВМРО-БНД.
Во соопштението на партијата на Каракачанов се бара бугарските институции експресно да ги отфрлат македонските барања за екстрадиција и судска соработка, со порака дека нема укинување на ветото под никаков притисок додека Скопје не го запре, како што велат, теророт врз македонските Бугари.
На нападите се приклучи и ултрадесничарската „Преродба“. Пратеникот Коста Стојанов од собраниската говорница во Софија ја обвини Македонија за политичко лицемерие правејќи паралела со бегството на Никола Груевски и барајќи од бугарската влада да и обезбеди целосна правна, дипломатска и конзуларна заштита на Михаилова.
„Никој не бара Ива да биде над законот, но кривичната постапка не смее да се претвори во пречка за неопходното лекување. Правдата треба да ја штити правичноста, а не да создава услови за неповратно нарушување на човековото здравје. Враќајќи се само малку наназад во времето, не можеме да го заобиколиме случајот со поранешниот премиер Никола Груевски. “, вели Коста Стојанов, од „Преродба“
Лидерот на партијата „Има таков народ“, Слави Трифонов, отиде најдалеку, со отворено негирање на македонскиот национален идентитет и пораки за претопување на Македонците. Тој го оспори правото на Македонците на сопствен национален идентитет.
„Навистина ми се повраќа од овие патетични искомплексирани луѓе, кои се крадци на бугарската историја. Како и да се нарекувате себеси – вие сте Бугари. Отсекогаш сте биле и секогаш ќе бидете. А конкретно вие во Северна Македонија, каде што ме слушате или ме читате токму сега, порано или подоцна, ќе клекнете и ќе се претопите“, пишува Слави Трифонов
Ова не е првпат оваа политичка група да ја користи Македонија за сопствени шовинистички цели и политички профит. Красимир Каракачанов уште како министер за одбрана отворено се закануваше дека ќе прати бугарски воен полк со тенкови за отстранување на македонските споменици. Шоуменот Слави Трифонов со години гради кариера врз навреди и тотално негирање на македонската нација и јазик, додека партијата „Преродба“ на Костадин Костадинов редовно инсценира скандали, ја нарекува нашата држава „втора бугарска република“ и отворено повикува на нејзино разнебитување.

