– Кумановската општа болница очекува нови вработувања и специјализации, информираше директорот на установата, Сашо Стошевски. Недостигот од анестезиолози и среден медицински персонал и натаму претставува предизвик за здравствената установа. Налдежните го менаџират преку соработка со повеќе здравствени установи од Скопје, чии лекари доаѓаат на дежурства во Куманово. Директорот изјави дека во моментов се обучуваат петмина специјализанти по анестезија, од кои двајца се очекува да ја завршат специјализацијата до крајот на годината, а останатите тројца во следните две години.

– Имаме договор со Клиниката за ТОАРИЛУЦ, ГАК, „8 Септември“, „Чаир“ и уште некои клиники, од каде што лекарите анестезиолози доаѓаат на дежурства за потребите на нашите пациенти. Во моментот имаме пет специјализанти по анестезија. Очекуваме двајца да завршат до крајот на годинава, а тројца за две години, така што проблемот со анестезијата што го наследивме очекуваме да биде решен во тој период – изјави Стошевски.
Покрај анестезиолозите, болницата има потреба и од среден медицински персонал. Завршена е постапка за вработување на осум лица, а се очекува и ангажирање нови специјализанти.
Стошевски изјави дека останатите одделенија располагаат со доволен број лекари, а приоритет е да се пополнат потребите за медицински и помошно-технички кадар. Здравствената установа очекува и значително обновување на медицинската опрема. Покрај донациите од различни организации, најавена е опрема во вредност, обезбедена од Владата.
Меѓу опремата се ехо-апарати за офталмологија, интерно одделение, педијатрија, гинекологија, неонатологија и неврологија, нов рендген-апарат, централен мониторинг-систем за интерното одделение и друга медицинска опрема.

