Пишувањето поезија за мене значи живот. Тоа ми дозволува да дишам. Денес, 27 јуни, еден од најдолгите денови во годината на оваа хемисфера, собрани овде заради поезијата, имаме време за да го спасиме овој стар свет за новите генерации, рече холандската поетеса, добитничка на „Златен венец“ на 65-тите Струшки вечери на поезијата на поетското претставување синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид, на кое присуствуваше и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова.

Поставувајќи ги прашањата како да го оствариме мирот, која е моќта на поезијата и дали може да не спаси од хаосот, пресвртите и војната, подвлече дека би било благослов ако поезијата, како универзално ценета традиција, можеше да спречи некои нешта да се случат.
– И јас би била среќна и благодарна за ова чудо, тука, сега, ненадеен, траен мир, донесен преку еден невин чин на волшепство, како што е рецитирањето песна, подвлече Брасинга.

Таа се осврна на стихови на британскиот поет Одн, кои, како што подвлече, ја покажуваат двосмисленоста, внатрешниот јаз, што ја прави поезијата неопходно средство за опстојување.
– Опстојувањето во живот има врска со слободата. Слободата има врска со јазикот и комуникацијата, не само во онаа трансакциска смисла „јас на тебе-пари, ти на мене – леб“, туку уште повеќе во симболичка смисла. Таму насилството и конкуренцијата се во мирување и таму се согласуваме да влеземе во една област на јазикот и говорот како основа, како тло за препознавање: во способноста да се биде едно, да се формира, за миг, еден збратимен дух вклучен во внатрешен дијалог. Во тој дијалог обајцата, поетот и читателот, се совршено и искрени и еднакви, смета Брасинга.
Моќта на поезијата, подвлече, е во нејзиното одбивање на доминација.

– Во пишувањето поезија, премолчената витална сила нè поттикнува да го обликуваме и коваме јазикот во жива статуа, пород на размислувањето и интуицијата. Исто како што воздухот од белите дробови го крепи говорниот глас, така и потребата за слобода го крепи текот на говорот. Се собравме во Струга за да се слушнеме како заедно ја славиме оваа недопирлива стихија, оваа невидлива супстанца која е извор на виталност во човечкиот ум. Таа може да ги нахрани другите и носи среќа и радост на слободата. Таа ќе ни овозможи да издржиме и да опстоиме. Затоа сум пресреќна што сум овде, за да ја примам и да ја дадам оваа радост, рече лауреатката на „Златниот венец“ на 65-тите Струшки вечери на поезијата.
Упати благодарност до Ели Пујовска, која преведе дел поезијата на Брасинга од холандски на македонски јазик објавени во луксузното тријазично издание на Струшките вечери на поезијата.
– Најголемата благодарност оди кај Ели Пујовска, која ги посвети своите јазични таленти на преведувањето на моите песни, како и на импресивен спектар на целата холандска литература, со толку многу љубов, знаење и прецизност. Во преводот, поезијата, мирот и слободата нека се сплотат, нека биде ова привремен заклучок со кој би се согласил Валтер Бенјамин, рече Брасинга.
Беседа за лауреатката на највисокото поетско признание во земјава „Златен венец“ одржа Бас Квакман, долгогодишен директор на меѓународниот поетски фестивал во Ротердам. Брасинга ја нарече јазична волшебничка на холандската поезија, а Струшките вечери на поезијата ги оцени како најстар и најдобар поетски фестивал во светот.

– Од 1971 година, фестивалот во Струга им оддава почит со „Златниот венец“ на неверојатна низа поети, како Пабло Неруда, В.Х. Оден, Рафаел Алберти, Ален Гинсберг, Тед Хјуз, Јосиф Бродски и Маргарет Атвуд. Голема чест е денес овде да претставам една личност која потполно се изненади од фактот дека станала еден од овие поети-добитници на „Златниот венец“, но која сепак заслужува да биде на тој список, Анеке Брасинга, јазичната волшебничка на холандската поезија, рече Квакман.
Доделувањето на наградата го оцени како мошне впечатливо, бидејќи Брасинга пишува на релативно мал јазик, кој надвор од Холандија се говори во малку поинакви форми само во Фландрија, Јужна Африка и неколку острови во Карибите.
– Затоа, тоа што програмските автори на Струшкиот фестивал го открија и го препознаа делото на Брасинга говори многу за нивната широка, остра и мошне квалитетна визија, вели Квакман.
За Брасинга рече дека не сакала да стане поетеса, а за поетите мислела оти трагаат по сензационализам и се суетни луѓе кои се потпираат на лесни чувства и евтина мудрост. Неа ја воодушевуале само мистериозни и неопределени песни, во кои можела да талка како во пејзаж. Како книжевна преведувачка, преведувала прозни дела од врв светски имиња како Владимир Набоков, Дени Дидро, Херман Мелвил, Жан Жак Русо, Херман Брох, Семјуел Бекет, Марсел Пруст… и поезија од Силвија Плат, Мајкл Хофман и други. Како мало јазично подрачје, додаде, дека Холандија го впивала она што го нуди поширокиот свет, преку преводите од Данте, Вергилиј, Хомер, Шекспир, Чехов од каде Брасинга тргнала во потрага по срцебиењето на текстот, со настојување да го направи чујно.
– Како поетеса која започнала како преведувач, Анеке Брасинга е мошне свесна дека литературата е непрекинат разговор со другите јазични подрачја и со другите генерации. Тоа го прави нејзиното дело и интертекстуално и универзално, собира јазик од сите краишта на светот и постојано ги потсетува читателите дека слушаат повеќе од еден глас, оцени Квакман.
Анеке Брасинга се смета за постмодернистка, но самата таа, додаде, ѝ се противи на непосветеноста за коja верува дека се подразбира во оваа класификација, и себеси повеќе се смета за надреалистка.

Во холандската поезија, во која исто така ги освоила најважните награди, Брасинга зазема единствена и секогаш опозиционерска позиција. Таа не се сообразува со никаков актуелен тренд, ниту преовладувачка јазична мода или пак поетика. Дух што никогаш ништо не земa здраво за готово, никогаш ништо не формулира на секојдневен начин и никогаш нема да се прилагоди на тоа што светот го очекува од неа, рече Квакман.
