Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објави јавен повик за избор на најдобар новинарски текст или видео сторија на тема „Справување со загадувањето на воздухот – јакнење на јавната свест за проблемите и можните решенија“.
Повикот се реализира во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, а неговата цел е да поттикне поголемо и поквалитетно медиумско известување за проблемите со аерозагадувањето, изворите на загадување и можните решенија за подобрување на квалитетот на воздухот.
На конкурсот може да се пријават новинари и автори со новинарски текстови, видео прилози или истражувања објавени во регистрирани традиционални или онлајн медиуми во државата во периодот од 1 октомври 2025 до 30 септември 2026 година.
Според условите на повикот, трудовите треба да бидат оригинални авторски дела кои, почитувајќи ги највисоките етички стандарди во новинарството, придонесуваат за подигање на јавната свест за квалитетот на воздухот и нудат можни решенија за справување со загадувањето.
Крајниот рок за доставување на апликациите е 6 декември 2026 година до 24 часот.
За најуспешните автори е предвиден награден фонд во вкупен износ од 150.000 денари бруто. Првата награда изнесува 70.000 денари, втората 50.000 денари, а третата 30.000 денари.
Од ЗНМ и УНДП посочуваат дека информирањето на јавноста и активното вклучување на медиумите се клучни за успешно справување со загадувањето на воздухот, како и за одржување на јавниот притисок врз институциите да преземаат мерки за подобрување на состојбите.
Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ има за цел да ги поддржи локалните власти во пилот-општините во откривање и мерење на изворите на загадување, развој на соодветни мерки за нивно намалување, како и зајакнување на капацитетите на граѓанските организации и медиумите во оваа област.

